НУК: Каде ќе заврши остатокот од ветените 9,9 милиони евра за угостителите?
Независната угостителска комора тврди дека на 4.000 угостители нема да им биде дадена помош бидејќи Владата се премислила и го намалила износот од 9,9 милиони евра на 5,77 милиони евра.
Со одлуката за финансиска поддршка само за 2.204 компании од угостителската дејност, коишто беа затворени од 6 до 27 април Владата извиси повеќе од 4.000 угостителски објекти со над 10.000 вработени, реагира Независната угостителска комора.
Од комората велат дека и покрај бомбастичните најави и ветувања за шестиот сет мерки скроен за 6.000 угостителски објекти со над 17.000 вработени дека ќе им исплати вкупно 9,9 милиони евра надомест на загубите и штетите за периодот кога беа затворени, владата сепак одлучи да исплати само нешто повеќе од половина од ветената неповратна помош.
– Тоа значи дека две третини од угостителските објекти добија дефинитивно ладен туш и останаа со празни сметки од очекуваната неповратна финансиска помош и поддршка за надомест на штетите и загубите кои ги имаа поради забраната да работат со гости од 6 до 27 април 2021 година – велат од НУК.
Од НУК прашуваат зошто Владата најави и вети 9.9 милиони евра за 6000 угостители и 17.000 вработени, а создаде услови и критериуми од кои ќе исплати на една третина нешто повеќе од половина од ветената помош.
– Која е целта на Владата да се попишмани за најавите и ветувањата и со ваква одлука да им одземе повеќе од 4 милиони евра ветена помош на угостителите? Во чии џебови и сметки сега таа помош ќе биде пренасочена – прашуваат од НУК.