НУДИ 500 ЕВРА ЗА ДОАЃАЊЕ НА ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА За поминување во втор круг се добива 1.000 евра
Германска брзорастечка компанија воведе парични бонуси за одредени фази од процесот на селекција.
Основачот на брзорастечката осигурителната компанија „Deutsche Familienversicherunga“(Германско семејно осигурување) Стефан Кнол смислил досега незамислив начин за привлекување потенцијални работници.
Тој им нуди 500 евра на кандидатите чии биографии ги издвојува доколку дојдат на првото интервју за работа. Преминот во вториот круг интервјуа носи уште 1.000 евра, а успешното завршување на шестмесечниот пробен период компанијата на Кнол го наградува со дури 5.000 евра.
– Посебно е тешко да се најде некој со ИТ вештини. Се натпреваруваме со гиганти кои лесно можат да вработат стотици професионалци од целиот свет. Сепак, не сме заинтересирани за вработени, на пример, од Индија, туку сакаме луѓе од овде, Франкфурт – вели Кнол.
Неговиот необичен пристап кон вработувањето покажува колку недостига работна сила во Германија, но и во остатокот од Европа.
Недостигот од работници е особено видлив во дејностите на ИТ и здравството. Недостиг на работници има и во градежната индустрија поради проширувањето на градежната дејност. И на угостителите им е тешко да најдат работници, пред се поради неизвесната насока на пандемијата, што ги прави тие работни места особено несигурни поради можните нови епидемиолошки мерки.
Но, недостигот на работна сила е забележлив и во другите сектори. Истражувањето на 9.000 германски компании спроведено од страна на развојната банка (KfW) и економскиот институт (Ifo) во октомври покажа дека 43 отсто од нив имаат проблеми со недостиг на квалификувана работна сила. Ова е најголем удел од обединувањето на Германија во 1990 година.