НСДП: Изборните дејства да продолжат таму каде што застанаа

965

Што побрзо одржување на парламентарните избори во Северна Македонија е неопходно, смета НСДП.

Во НСДП сметаат дека Државната изборна комисија по завршување на вонредната состојба треба да продолжи со изборните дејства од онаму каде што застана на 22 март и датумот на изборите да произлезе согласно законски утврдените рокови, а не, како што велат, од политички договор на лидерска средба.






„Од уставно-правен аспект неодржлива е политичка ситуација во која повеќе од три месеци Владата како носител на извршната власт раководи со државата без контрола од законодавната власт. Со прогласувањето на вонредната состојба и нејзиното продолжување во ситуација кога Собранието е распуштено и не постои реална политичка волја за тоа да биде повторно свикано, граѓаните се оставени без своите институционални претставници кои треба да ја контролираат работата на извршната власт и на тој начин доведувајќи го во прашање целокупниот легитимитет на политичките процеси кои се одвиваат во државата. Од аспект на принципите на парламентарната демократија за една држава не е прифатливо да се остави во ситуација во која никој не ја контролира работата на Владата. Изборите во најкраткиот можен рок потребно е да го пополнат овој институционален вакум“, се наведува во соопштението од НСДП.

Партијата потсетува дека вонинституционалното одлучување за суштинските политички прашања на лидерски средби на најголемите политички партии е пракса која и покрај својата проблематичност од демократски и репрезентативен аспкет продолжува да се спроведува во Македонија.

„Наместо институционално моделирање на важните политички одлуки, во Северна Македонија веќе повеќе години искусуваме договорна држава во која одлуките се кристализираат на вонинституиционали лидерски средби. Потребата за почитување на законската регулатива во поглед на датумот за избори дополнително се нагласува ако се знае дека на лидерската средба учествува и Христијан Мицкоски, претседател на најголемата опозициска партија кој позади себе нема ниту еден парламентарен изборен циклус од кој би црпел политички легитимитет за да застапува интереси на дел од граѓаните на лидерски средби на кои се зборува за парламетнарни избори“, се додава во соопштението од НСДП.

 

Поврзани содржини