„НОЗЕТЕ МИ ОТЕКОА, БОЛКАТА НЕ СТИВНУВА“ Македонци сведочат за болни каснувања од отровни риби во Грција

Отровната „змеј риба“ ги пецка туристите на плажите во Грција – Македонски туристи споделуваат болни искуства и предупредуваат за опасностите.

1,311

Македонски туристи кои летувале во Грција споделуваат вознемирувачки искуства за каснувања од отровни риби, познати како „змеј риби“, кои се појавуваат во плитките води и претставуваат сериозна закана за посетителите на плажите.

Сузана Tасовска преку „Фејсбук“ ја сподели својата болна приказна од Нea Каликратија, каде пред само неколку дена ја каснала отровната риба додека се капела во плитката вода на само три метри од плажата. Таа опиша како целата нејзина нога отекла, посинела и ѝ трнела, придружено со силни болки кои сè уште не престануваат. Отровот се проширил дури до листот на ногата, по што веднаш била советувана да побара медицинска помош.






– Веднаш ми рекоа да одам во болница. Таму ми ја ставија ногата во врела црна вода за да го извлечат отровот. По тоа ми беше подобро. Сите треба да бидат внимателни, особено малите деца, и да носат гумени сандали – предупреди Сузана.

Фото: Принтскрин

 

Коментарите под нејзиниот пост беа исполнети со совети и слични искуства од други туристи. Никола Гиба Благојевиќ објасни дека убодот е многу болен и отровот брзо се шири, но не е смртоносен.

– Важно е да се знае дека отровот е термолабилен. Пред да стигнете до лекар, местото на каснување треба да се закопа во топол песок или да се стави во топла вода со температура околу 55 степени – советува Никола.

Слично искуство имала и Кети Петровска, која вели дека и таа била касната од иста риба додека била во Волос. Таа ја потврди болката и продолжителното црвенило кое траело две недели, но со правилна нега успеала да ја ублажи состојбата.

Туристите се повикуваат да бидат внимателни при одење во плитките води на плажите и да носат заштитна облека, како што се гумени сандали, за да се избегнат ваквите непријатни и опасни средби.

Поврзани содржини