НОВОГОДИШНИ ПАКЕТЧИЊА ЗА МАКЕДОНЧИЊА ОД МАЛА ПРЕСПА Акција на македонски организации
На радоста на децата ѝ немаше крај, а нивната насмевка за нас беше најголемиот поттик да продолжиме со вакви и слични активности – велат македонските активисти.
Македонските активисти, Едмонд Темелко, претседател на друштвото „Преспа“ и Елена Симонофски претседателка на здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“, поделија новогодишни пакетчиња за Македончиња во Албанија, со цел, како што велат „да внесеме радост и насмевки кај најмладите Македончиња за време на празниците“.
Тие денеска им поделија пакетчиња на дечињата од селата Туминец и Горна Горица, Општина Пустец.
– Денеска ги посетивме Туминец и Горна Горица, каде со многу љубов им поделивме пакетчиња на децата и календари со знакот на ВМРО-ДПМНЕ Албанија. Насмеани лица, топли прегратки и извикување „Среќна нова Година!“ – тоа е нашата сила, напиша Темелко на Фејсбук.
Преспа, посочува, „заслужува повеќе и токму со љубов, посветеност и конкретни дела, ќе продолжиме да го градиме тоа повеќе“.
Македонските активисти вчера престојуваа во областа Голо Брдо, каде на децата од неколку села им подарија новогодишни пакетчиња.
– На радоста на децата ѝ немаше крај, а нивната насмевка за нас беше најголемиот поттик да продолжиме со вакви и слични активности, со кои Македонците во оваа област ќе почувствуваат дека не се заборавени, рече за МИА, Темелко, по посетата на Голо Брдо.
Тој најави дека продолжуваат со ова активност, а вечерва, во организација на „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“, во Корча за првпат се организира македонска вечер.