НОВАТА ГОДИНА ТЕШКО Ѝ ПАЃА НА АРСОВСКА Градот доцна објави повик за базарот, а за украсувањето ниту збор
Повикот предвидува резултатите да бидат објавени 15 дена по неговото завршување или на 21 декември, а тоа е само една недела пред Новата година.
Дури на 21 декември ќе има информација кој ќе добие можност да ги претстави своите производи на Новогодишниот базар на плоштадот „Македонија“ во Скопје, каде веќе се поставија препознатливите куќарки.
Град Скопје соопшти дека денеска завршил Јавниот повик за доделување финансиски средства за реализација на настанот Новогодишен базар. Многумина се прашуваат зошто повикот е објавен толку доцна, односно еден месец пред Нова година, што ги доведува апликантите во неповолна позиција за навремена подготовка.
Јавниот повик, објавен како дел од Програмата за активности од областа на локалниот економски развој за 2024 година, е наменет за здруженија, фондации, маркетинг агенции и трговски друштва со седиште во Скопје. Сепак, покрај барањето за проектни предлози и финансиски планови, во повикот недостигаат подетални насоки за тоа каква финансиска поддршка ќе добијат избраните апликанти.
Повикот предвидува резултатите да бидат објавени 15 дена по неговото завршување или на 21 декември, а тоа е само една недела пред Новата година.
Во однос на украсувањето на метрополота од Градот сѐ уште ништо не навестуваат. Нема никакви информации дали и кога ќе биде распишан јавен повик за украсување. Нешто слично се случи и лани кога градоначалничката Данела Арсовска го накити градот без тендер и никогаш не кажа кој го стори тоа. Таа само рече дека се потрошени 30.000 евра, но не даваше одговор кому се исплатени парите и врз основа на каков договор. За овој случај во Град Скопје влезе Финансиска полиција и оформи предмет. Оттаму дури пред два месеца изјавија дека во тек се проверки за утврдување на фактичката состојба, како и прибирање на потребниот доказен материјал, но поради тајност на предистражната постапка согласно Законот за финансиска полиција и Законот за кривична постапка, не се во можност подетално да информираат.
Кога Финансиската полиција влезе во Градот да врши проверки, градоначалничката Арсовска на официјалниот профил на Фејсбук објави фотографија како игра шах со Дедо Мраз.