НОВО ТРУЕЊЕ СО ЛЕКОВИ ВО КУМАНОВО Десетмесечно бебе во болница, полицијата и јавен обвинител истражуваат
Втор сличен инцидент за помалку од две недели, јавноста загрижена, полицијата води истрага за да утврди како дошло до труење кај бебето.
Десетмесечно бебе од Куманово вчера било итно донесено во Општата болница во градот со симптоми на труење со лекови. Случајот бил веднаш пријавен во полицијата, а надлежните институции се вклучени во истрагата за да се расветли како дошло до овој сериозен инцидент.
– На 29 јули 2025 година, во 11:40 часот, во СВР Куманово било пријавено дека во Општата болница Куманово е донесено десетмесечно бебе со симптоми на труење со лекови. Извршен е службен разговор со лекарот и родителите, а за настанот е известен и јавен обвинител – велат од СВР Куманово.
Според информации од болницата, состојбата на бебето е стабилна и во моментот нема опасност по животот.
Она што дополнително ја зголемува загриженоста е што ова е втор ваков случај во Куманово за помалку од две недели. На 22 јули, едногодишно дете од селото Отља, општина Липково, исто така било хоспитализирано по труење со лекови.
Полицијата работи на целосно расчистување на двата случаи, а јавноста сè почесто бара засилена едукација на родителите и построга контрола на лековите во домашни услови.