НОВО ПЕНЗИСКО ДРУШТВО ВО ДОБРОВОЛНИОТ ФОНД „ВФП Фонд менаџмент“ регистрира свое пензиско друштво
Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС информира дека друштвото има дозвола за работа.
„ВФП Фонд менаџмент“ од Скопје регистрира Друштво за управување со доброволни пензиски фондови ВФП пензиско друштво, информира Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС.
Како што стои во информацијата, Агенцијата, по разгледување на доставената документација утврди дека се исполнети условите од членовите 41 став (3) и 43 став (1) од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување и одлучи условното одобрение за управување со доброволен пензиски фонд да стане полноважно.
„Врз основа на ова, Агенцијата го запиша фондот ВФП отворен доброволен пензиски фонд – Скопје во регистарот на задолжителни и доброволни пензиски фондови“ – стои во информацијата.
Со овој чекор, велат од Агенцијата, се потврдува стабилноста и сигурноста на пензискиот систем и претставува можност за поголема конкурентност и развој на пензискиот систем, како и повеќе можности за избор во интерес на членовите на пензиските фондови.
„ВФП Фонд менаџмент“ АД Скопје е Друштво за управување со отворени и затворени инвестициски фондови, основано на ден 13.08.2014 година, а започна со работа по добивањето на одобрение од Комисијата за хартии од вредност.
Фондот има свои друштва за управување со инвестициски фондови во Албанија каде што поседува 51 отсто од капиталот, во Србија во кое поседува 30 отсто и во Босна и Херцеговина каде што поседува 25 отсто од капиталот. Во план е отворање и на друштво во Бугарија.