📸 НОВО ОСВЕЖУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА АЛТЕРНАТИВНА СЦЕНА Фестивалот „Сепак се врти“ се одржа во Градскиот парк
Нашиот колектив го сочинуваат повеќе од 13 артисти кои творат без разлика на условите и работат на музичката сцена. Планираме уште вакви настани бидејќи сакаме да го смениме концептот на чекање од другите. Решивме да го преземеме тоа во наши раце. Овој концепт не завршува тука, туку сакаме да продолжи со новите генерации - објаснува еден од организаторите Марко Печеновиќ.
Во Градскиот парк во Скопје се одржа фестивалот „Сепак се врти” кој го организираше колективот „Гола планина“. Станува збор за колектив составен од млади уметници кои сакаат да ја развијат македонската алтернативна и независна музичка сцена.
– Нашиот колектив го сочинуваат повеќе од 13 артисти кои творат без разлика на условите и работат на музичката сцена. Планираме уште вакви настани бидејќи сакаме да го смениме концептот на чекање од другите. Решивме да го преземеме тоа во наши раце. Овој концепт не завршува тука, туку сакаме да продолжи со новите генерации – објаснува еден од организаторите Марко Печеновиќ.
Виктор Танасковски, кој е организатор и дел од колективот, додава дека мотивот за оформување на еден музички колектив како „Гола планина“ е преземање на работите во свои раце, имајќи ги предвид неработењето и трулоста на институциите и целокупната музичка индустрија денес.
– Идејата е да се шири духот на работа по пат на заемна помош со цел подигање на квалитетот и условите за создавање уметност на повисоко ниво. Всушност, како и со секое движење кое се залага за некакви промени, крајната цел е слободата – вели Танасковски.
На фестивалот настапија: АТА, Црно собрание, Конспираси, Ендемски вид, Јоана Ристеска, Кокиче, Кенопсија, КЕМ, Лост ин ревери, Огнен Златанов, Ваџајна корпорејшн и Пич Вајс.
Музичарите од Кокиче го збогатија фестивалот со музика која е хибрид од џез, класика, рок и нојз.
Конспираси ја размрдаа сцената со треш хеви метал. Младите музичари, кои го основаа бендот во 2016 годиниа, свиреа во динамично темпо со музика која ја побудува носталгијата на сите љубители на Металика, Мегадед и други значајни хеви метал бендови.
Лост ин ревери го освежија фестивалот со искреност свирејќи поп-панк, метал, емо и пост-хардкор музика. Интересно беше и нивното одјавување проследено со музичка тема која наликува на темите во одјавните шпици, додека тие го претставуваа бендот.
Настапи и Јоана Ристеска под своето име „Јоана”. Таа е соло-артистка и инструменталистка од Скопје. Изведува и компонира музика за акустична и електрична гитара, а од неодамна, со помош на неколку клучни гитраски педали, ја истражува можноста за проширување на гитарскиот звук кон слоевита оркестарска димензија.
Атанасија Гулевска настапи со нејзиниот соло проект АТА, со елементи на дарк вејв и трип-хоп.
Огнен Златанов и Теа Шалдева внесоа мрачна нота во настанот со препознатливиот стил на македонската дарквејв сцена. „Огнен Златанов” е соло проект на истоимениот музичар од Скопје. Огнен е познат како поранешен член на составот Перија.

Пич вајс ја размрда сцената со „позитивниот гнев” преточен во хардкор метал.
Кенопсија внесе нова нота која ја прескокнува жанровската определба, а нивната музика црпи влијанија од разни музички и уметнички правци.
KЕМ настапија со мешавина на хип-хоп, инди и соул музика.
Црно собрание, првенствено школски бенд кој започнува во гимназијата „Никола Карев“, свиреа во хардкор стил.
Ендемски вид ја освежи сцената со експериментален пристап. Членовите на бендот почнале како собир на другари со заедничка цел, правеле џем-сесии и кавер песни, а потоа прераснале во авторски бенд.
Ваџајна корпорејшн внесоа постпанк и психоделија со вешто изведување на комплексни музички теми поткрепени со прогресивни рифови.
