НОВИТЕ ГРАДОНАЧАЛНИЦИ СЕ ФАТИЈА ЗА ГЕНЕРАЛКА Го чистат ѓубрето и политичкиот смет

Клучевите на сите службени возила ќе бидат под строга контрола и ќе се користат исклучиво во корист на граѓаните, доста беше од бесцелно трошење на парите на граѓаните, порачаа новите градоначалници.

2,900

Новите градоначалници на Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Бутел, Штип, Прилеп кои ја добија довербата од гласачите уште во првиот круг од локалните избори веднаш се фатија за работа.

Некои од нив, како што е Митко Јанчев кој победи со огромна разлика во првиот круг за градоначалник на Кавадарци продолжи онаму каде што застана и на првиот ден од новиот мандат почна со поплочување на 1.920 метри квадратни на една од главните  улици во Кавадарци.

Тој на Фејсбук објави дека е поплочен тротоар на улицата Методија Џунов Џикот и дека се уредува дол Калница каде што треба да се стави и настрешница. Изведувач на работите е фирмата Павер Трејд.

Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, почна голема еколошка акција за чистење на улиците, парковите и дивите депонии низ општината. Тој лично ги координираше комуналците од ЈКП „Гази Баба“ и им даваше насоки за работа.

– Првиот ден од еколошката акција беше успешен. Подобрувањето на комуналната хигиена ќе биде мој приоритет. Комуналната хигиена е проблем најчесто посочуван од граѓаните. На чистење на Гази Баба ќе работиме во текот на целата година. Гази Баба ќе биде еколошки чиста општина –вели Стефковски.

Генералка имаше и во населбите Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Хиподром,Ченто.






Градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски уште на првиот ден го реализира тоа што го вети во кампањата во врска со злоупотребата на службените возила во приватни цели.

– Од денес, клучевите на сите службени возила ќе бидат под строга контрола и ќе се користат исклучиво во корист на граѓаните, доста беше од бесцелно трошење на парите на граѓаните. Воедно, од денес, како што ветив во предизборната кампања, јас нема да користам службено возило и репрезентација, а тие пари ќе бидат пренаменети во реконструкција на градинки, училишта и детски игралишта. Затоа што, Кисела Вода мора да биде општина од 21-ви век. Општина за сите луѓе! – вели Ѓорѓиевски.

Тој вели дека неговата канцеларија ќе биде отворена секој ден за средби со граѓаните, а најави и ревизија на четиригодишното работење на неговвиот претходник и таму каде што имало пропусти ќе бидат расветлени.
– Јас нема да се реванширам и одмаздувам, времето за партиски реваншизам треба да престане. Јас сум градоначалник на сите жители на Кисела Вода, но ќе барам од администрацијата кон секој граѓанин да се однесува со почит и уважување. Основата на работата на општината Кисела Вода ќе биде професионализамот, одговорноста, посветеноста и ефикасноста, транспарентност – вели  Ѓорѓиевски.
Првиот работен ден тој го почнал со увид на текот на неколкуте започнати, но недовршени проекти.

Вели дека направил обиколка во општината, но затекнал намалена работна активност.

– Ова го менуваме уште од утре. Сите започнати проекти ќе мора да се завршат во рекорден рок, а од понеделник започнуваме со реализација и на проектите на кои се обврзавме во изборниот период – вели Ѓорѓиевски.

И новиот градоначалник на Штип, Иван Јорданов се откажа од службеното возило веднаш штом стапна на своето работно место.

– Од денес, па во наредниот период јас како градоначалник, но и идните функционери под локална самоуправа, идните директори на јавните претпријатија нема да користат службени возила. На овој начин истите возила ќе ги ставиме во функција на службите на општина Штип за да бидат сервис према граѓаните. Со ова ги кратиме непродуктивните трошоци, но и ја подобруваме функционалноста на општината – најави Јорданов.

Новиот градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски на првиот ден од мандатот заедно со инспекторите ги ловеше дивите депонии во општината.

– Дивите депонии се еден од најгорчливите проблеми за општината. На самото место сосема случајно затекнавме два камиона од приватна компанија, кои истураа градежен шут на местото каде што сакаме да креираме парк. Инспекциските служби добија насока да ги прекинат ваквите девијантни и противзаконски појави што се случуваат во општината – вели Муцунски.

Тој најави дека ќе се спрвоведуаат редовни контроли за да не се фрла повеќе шут на ова место на кое е планирано да се подигне парк со забавни содржини.

Познатиот прилепски лекар Д-р Борче Јовчески, уште во првиот круг на седмите локални избори ја обезбеди довербата на граѓаните да ја води општина Прилеп во наредните четири години. Тој најави дека прва негова задача како градоначалник ќе биде да се направи еден пресек, ревизија на целокупното работење на локалната самоуправа и на јавните претпријатија.

– И како што велиме ние во Прилеп, за да имаме чиста сметка и долга љубов, прва задача ќе биде да се направи еден пресек, една ревизија на целокупното работење во минатите 4 години на локалната самоуправа  и јавните претпријатија. Мора да се знае каде бил потрошен секој еден денар од граѓаните, буквално секој денар. Тоа мора да биде така, не само за да бидеме отчетни и за да почнеме од нула, туку за и ние да имаме намус, што би рекле моите пријатели од Канатларци, односно, да можеме и по 4 години, повторно да ја побараме вашата поддршка за чесното и наменско трошење на буџетски средства – вели д-р Јовчевски.

 

Поврзани содржини