Промени во однесувањето, откажување од привилегии и почнување најмалку три капитални проекти во првиот месец, им наложил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоки на новоизбраните градоначалници.
Како што изјави Мицскоски пред денешната средба со градоначалници, независно од политичките случувања поврзани со централната власт, многу е важно да не се занемари она што беше ветено на локалните избори.
– Се што ветивме треба да се исполни, да се засукаат ракавите што побрзо за да се почне со решавање на проблемите на граѓаните од сите населени места, општини каде што ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија има градоначалник, а таму каде што сме коалиција да работиме со градоначалниците од коалицијата. Без оглед што огромен број од општините се презадолжени и во голем дел од нив првичните информации сведочат за злоупотреби на ресурсите, потребен е максимален ангажман од секој градоначалник за да се реализира ветеното. Не смее да има изговор за неуспех – рече Мицкоски.
Според него, промените кои ќе ја донесат новата иднина треба да почнат со промени во однесувањето на луѓето кои се одговорни за општините.
– Тоа ќе побарам веднаш да се случи. Прво, ќе побарам на состанокот после оваа прес-конференција од градоначалниците во наредните триесет дена да почнат со активности за реализација на најмалку три капитални проекти од инфраструктурен карактер. Второ, мојот совет до нив пред оваа прес-конференција беше да покажат скромност во делувањето и да се откажат од привилегиите кои во минатото од нивните претходници се злоупотребуваа, а кои функцијата како можност ги носи. Потребно е да покажеме пред граѓаните дека тоа што го зборувавме, тоа и го мислиме и го работиме. Апелирам тоа да го направат и оние градоначалници кои не се од редовите на коалицијата Обнова на Македонија и предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш да се откажат од употреба или злоупотреба на службените возила надвор од службените потреби на општината, како и да нема злоупотреби на средствата на општината за ненаменски трошења како што се ручеци кои што со својата сметка одговараат на нешто друго а на пристојно однесување. Трето, побарав да се излезе на терен и да бидат во постојана комуникација со граѓаните и заеднички да учествуваат во решавањето на нивните проблеми – истакна лидерот на партијата.
Довербата на народот, додаде тој, нема да биде прокоцкана.
– Нема веќе батиња, нема веќе братучеди, слободно е Македонија. И народот треба да е свесен дека времето на корумпирани транзициони политичари или луѓе кои злоупотребуваат национализам на сметка на интересот на народот е минато во политиката. Сега се поразени, а ќе бидат и декласирани на следните парламентарни избори. Заеднички да го оствариме сонот во кој веруваме и иднина каква што заслужува секој човек во Македонија – рече Мицкоски на прес-конференцијата преде средбата со градоначалниците.