НОВИТЕ АВТОМОБИЛИ ВО ЕУ ВЕЌЕ НЕМА ДА БИДАТ ИСТИ Задолжителни системи што сами реагираат при опасност

Од 7 јули сите новопроизведени патнички автомобили и лесни комерцијални возила што се продаваат во Европската Унија мора задолжително да бидат опремени со напредни безбедносни системи, меѓу кои автоматско сопирање, следење на вниманието на возачот и подобрена заштита на пешаците.

52

Од денеска, 7 јули, во Европската Унија стапуваат во сила нови правила што значително ги менуваат стандардите за безбедност кај новите автомобили. Сите новопроизведени патнички автомобили (категорија М1) и лесни комерцијални возила (категорија N1) што ќе се продаваат на европскиот пазар мора задолжително да бидат опремени со напредни системи за активна безбедност.

Станува збор за втората фаза од Општата регулатива за безбедност (GSR2), со која Европската комисија има за цел значително да го намали бројот на сообраќајни несреќи и да обезбеди поголема заштита за возачите, патниците, пешаците и велосипедистите.






Иако првиот дел од регулативата почна да се применува во јули 2024 година и важеше само за новите модели што тогаш првпат се појавија на пазарот, од 7 јули 2026 година правилата се задолжителни за секое ново произведено возило, без разлика кога моделот добил хомологација.

Една од најзначајните новини е задолжителното вградување на напредни системи за автоматско сопирање во итни случаи (AEB). Покрај препознавањето на други возила, овие системи сега мора да детектираат и пешаци и велосипедисти кои се движат пред автомобилот и, доколку возачот не реагира навреме, самостојно да ги активираат сопирачките.

Посебно внимание привлекува и системот за следење на вниманието на возачот (ADDW). Со помош на инфрацрвени камери и сензори поставени во кабината, системот ја следи положбата на главата и насоката на погледот на возачот, и дење и ноќе. Ако возачот го тргне погледот од патот подолго од 3,5 секунди при брзина над 50 километри на час, или повеќе од шест секунди при брзина меѓу 20 и 50 километри на час, автомобилот автоматски ќе активира звучно и визуелно предупредување.

Европската комисија нагласува дека овие системи работат локално, во самиот автомобил. Не користат надворешни биометриски бази на податоци, не вршат препознавање лица и не ги складираат или пренесуваат снимките надвор од возилото, со што се гарантира заштита на приватноста.

Покрај електронските технологии, новите стандарди носат и конструктивни измени. Производителите ќе мора да обезбедат подобра директна видливост за возачите со намалување на „мртвите точки“, како и поголеми површини со ламинирано безбедносно стакло, што ја зголемува заштитата на патниците и пешаците при евентуален судир.

Регулативата воведува и нови барања за следење на состојбата на гумите. Покрај контролата на притисокот, новите системи ќе можат да го следат и абењето на шарите, со цел навремено да предупредат на ризик од губење на безбедноста при возење.

Задолжителна опрема од 7 јули

– Напреден систем за автоматско сопирање со препознавање пешаци и велосипедисти,

– Систем за следење на вниманието на возачот,
– Подобрена директна видливост за возачот,

– Нов систем за следење на абењето на гумите,

– Проширени површини со безбедносно ламинирано стакло за поголема заштита на патниците и пешаците.

Од Европската комисија посочуваат дека новите стандарди се дел од стратегијата „Визија нула“, чија крајна цел е до 2050 година бројот на загинати и тешко повредени во сообраќајни несреќи на европските патишта да се сведе на минимум.

Поврзани содржини