НОВИТЕ „АВАНТУРИ“ НА ВОЈВОДАТА И ВОЈВОТКАТА ОД САСЕКС Хари и Меган најавија уште едно големо патување
Принцот Хари и Меган Маркл објавија дека ќе ја посетат Австралија кон средината на април, каде што ќе имаат приватни, деловни и хуманитарни ангажмани во Сиднеј и Мелбурн.
Принцот Хари и Меган Маркл објавија дека ќе тргнат на големо патување во Австралија за неколку недели. Војводата и војвотката од Сасекс потврдија дека ќе ги посетат Сиднеј и Мелбурн кон средината на април, каде што ќе имаат низа приватни, деловни и хуманитарни активности.
Портпаролот на двојката изјави дека отуѓениот син на кралот и поранешната актерка ќе учествуваат во неколку ангажмани, додека дополнителни детали за нивното патување ќе бидат објавени наскоро. Според достапните информации, нивните деца Арчи и Лилибет овојпат нема да патуваат со нив.
Иако точната програма сè уште не е објавена, странските медиуми објавуваат дека Меган би можела да се појави како гостинка на популарниот подкаст „Her Best Life“ за време на нејзиниот престој во Австралија. Исто така, се споменува можноста таа да учествува на посебен настан каде што би можела да биде ВИП гостинка, по примерот на актерката Гвинет Палтроу, која претходно имаше слична улога.
Од друга страна, се очекува принцот Хари да посвети дел од своите активности на средби со припадници на австралиските вооружени сили и заедницата на ветерани.
Хари и Меган последен пат ја посетија Австралија во 2018 година, кога сè уште ги извршуваа официјалните кралски должности. Нивната 16-дневна турнеја потоа ги вклучуваше Сиднеј, Мелбурн и Дабо, а ги посетија и Фиџи, Тонга и Нов Зеланд. Патувањето привлече големо внимание од јавноста во тоа време бидејќи кратко пред да пристигнат во Австралија објавија дека го очекуваат своето прво дете.
Веста за патувањето во Австралија доаѓа само неколку недели по нивната посета на Јордан, каде што поминаа два дена на покана на генералниот директор на Светската здравствена организација. За време на нивниот престој, тие го посетија бегалскиот камп За’атари, разговараа со сириските деца бегалци и ја разгледаа болницата во Аман, каде што се сретнаа со лекари и пациенти евакуирани од областите погодени од војната.