Иако сè уште не е познато кој ќе го глуми новиот Супермен и на кој ќе му припадне режисерската палка, познато е дека тој ќе биде со темна кожа.
Сценариото ќе го напише Та-Нехиси Коутс, во јавноста познат по својата работа на Марвеловиот свет „Ваканда“.
Иако ова е првпат црн Супермен да се појави на големото платно, тоа не е случај во светот на „DC“. Ликот Келвин Елис се појави во 2009 година во серијалот „Final Crisis 7“ како Супермен од алтернативен универзум, а на Земјата беше претседател на САД. Авторот на тој стрип, Грант Морисон, вели дека за него црпел инспирација од Барак Обама, пишува „Дејли мејл“.
Меѓутоа, тоа не значи дека таква ќе биде и верзијата на Коутс за Супермен.
Што се однесува до главната улога, засега се шпекулира дека би можела да му припадне на Мајкл Б. Џордан, но тој тие гласини ги негираше.
„Ми ласка тоа што луѓето ме споменуваат во тој контекст. Тоа е секако комплимент, но овој филм само ќе го гледам“, изјавил Џордан.
Во режисерката трка наводно се Бери Џенкинс, Рајан Куглер, Стивен Кепл помладиот, Џ. Д. Дилард, Реџина Кинг и Шака Кинг.
Она што е сигурно, тврдат медиумите, е дека во улога на продуцент ќе се најде славниот Џеј Џеј Абрамс.
„Постои нова, силна и потентна приказна за Супермен која треба да се раскаже. Исклучително сме среќни што господинот Коутс ќе нѝ помогне да ја прикажеме на екранот“, изјавил Абрамс.