НОВИОТ СОЈ „СТРАТУС“ ДОМИНИРА ВО ГЕРМАНИЈА Расте бројот на новозаразени со коронавирус

Бројот на новозаразени со коронавирус во Германија повторно се зголемува, а доминантен е новиот сој „Stratus“. Иако симптомите најчесто се благи и здравствениот систем не е под притисок, експертите предупредуваат на можен пораст на случаи во следните недели. Надлежните апелираат за претпазливост, особено кај ранливите групи.

201

Бројот на потврдени случаи на коронавирус во Германија повторно е во пораст. Според најновите податоци од Институтот Роберт Кох (RKI), во 37-та недела од 2025 година се пријавени 2.396 нови инфекции, што е повеќе од 2.153 случаи регистрирани во претходната недела.

Овој тренд на зголемување трае од крајот на август и се очекува да продолжи до крајот на септември.






Истовремено, расте и бројот на акутни респираторни инфекции кај сите возрасни групи. Иако повеќе луѓе бараат лекарска помош поради поблаги симптоми, бројот на потешки случаи кои бараат болничко лекување засега останува низок. Тоа покажува дека вирусот се шири, но не предизвикува сериозна епидемија, пренесува списанието Fenix.

Доминација на новиот сој „Stratus“

Главна улога во порастот ја има новата варијанта XFG, позната како „Stratus“. Според RKI, таа е откриена во 84% од анализираните примероци и моментално е доминантна во Германија.

За споредба, во 32-та и 33-та недела нејзиното учество било 65%. Светската здравствена организација (СЗО) наведува дека „Stratus“ е позаразен од претходните соеви, но нема докази дека предизвикува потешки форми на болеста.

RKI дополнително нагласува дека, покрај коронавирусот, во циркулација се и риновируси и параинфлуенца — слично како и по завршувањето на летните одмори во претходните години, кога респираторните инфекции стануваат почести.

Познатиот превентивен лекар и медицински новинар Кристоф Шпехт вели дека ваквиот развој е очекуван.

– Коронавирусот ќе остане со нас — ќе живееме со него долгорочно – изјави тој за германскиот медиум ntv.de.

Според него, зголемувањето на бројот на инфекции во септември е типично, бидејќи во постудените месеци луѓето поминуваат повеќе време во затворен простор, што го олеснува ширењето на вирусот.

Шпехт додава дека ситуацијата не може да се споредува со почетокот на пандемијата.

– Сега имунитетот е многу посилен, а симптомите што најчесто ги пријавуваат луѓето се благи — засипнатост, болно грло, класични симптоми на настинка.

Здравствениот систем засега стабилен

Иако болниците и ординациите засега не бележат значителен пораст на пациенти со коронавирус, експертите предупредуваат дека товарот може да се зголеми во следните недели, особено ако се поклопат сезоните на грип, RSV и COVID-19.

За општата популација се препорачува претпазливост, особено кај ризичните групи, вклучително и носење маски.

Сепак, Шпехт смета дека нема простор за паника:

– Коронавирусот веќе не е исклучок — ако некој се плаши од него, тогаш треба да се плаши и од другите вируси што кружат во есен и зима.

Поврзани содржини