НОВИОТ РОМАН НА ГЕОРГИ ГОСПОДИНОВ ПРЕД МАКЕДОНСКАТА ПУБЛИКА „Градинарот и смртта“ е топол, лиричен роман-мемоар
Со „Градинарот и смртта“ Георги Господинов уште повеќе го зацврстува статусот на еден од најзначајните современи европски писатели и, секако, на еден од најнаградуваните и најпреведувани автори од регионот.
Издавачката куќа „Или-Или“ го објави во превод на македонски јазик романот „Градинарот и смртта“ на бугарскиот автор Георги Господинов, со што ја завршува продукцијата за 2025 година. Како што соопшти издавачот, станува збор за тимен и елегичен роман-мемоар во кој авторот „пишува за тивката љубов што ретко се изговара но е многу длабока; љубовта меѓу таткото и синот“.
– „Градинарот и смртта“ е топол, интимен, лиричен, фрагментарен роман-мемоар, болна и нежна медитација за болеста и заминувањето на таткото, човекот чиј живот го одбележале тивката достоинственост, грижата за малите секојдневни работи, љубовта кон земјата и растенијата. Реченицата со која започнува романот: „Татко ми беше градинар. Сега е градина.“, една од неговите најцитирани реченици, е мисла што ја поставува основната метафора на делото: градината како говор на љубовта што никогаш не била изговорена. По големиот интернационален успех со романот „Засолниште во времето“ за кој ја доби Интернационалната Букеровата награда, со „Градинарот и смртта“ Георги Господинов уште повеќе го зацврстува статусот на еден од најзначајните современи европски писатели и, секако, на еден од најнаградуваните и најпреведувани автори од регионот. Една година од објавувањето во Бугарија овој роман доживува десетици преводи ширум светот и извонреден прием како од читателите така и од книжевната критика, наведува „Или-Или“.
Преку белешки, филозофски размисли и лирски сеќавања, „книгата зборува за тагата, смртноста, семејните врски и наследството што го носиме… По загубата, светот се дели на ‘пред’ и ‘по’, а таткото продолжува да живее во мириси, слики и навидум случајни асоцијации“.
– Овој краток, но длабок роман е нежна медитација за смртта, татковството и за „ботаниката на тагата“ – уверувањето дека, како растенијата така и љубовта понекогаш умира само за повторно да никне, додава „Или-Или“ во соопштението.
Преводот на ова дело е поддржан од Националниот фонд за култура на Република Бугарија, а од бугарски на македонски јазик го преведе Душко Крстевски. Дизајнот на корицата е на Марија Смилевска.
Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист, најпреведуван бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на дваесетина јазици.