Ако, како што вели поговорката, „денот по утрото се познава“, ние дефинитивно добиваме нов циркус во градот, поточно во Парламентот, раководен од старите проверени „прогресивни“ сили. Со тенденција да нѐ забавува наредните години.
И сите оние кои, како мене, мислеа дека ништо интересно нема да пропуштат во Парламентот при изборот на новата влада бидејќи, нели, овие од сдсм (малите букви се… знаете веќе што!), како што велеа, ја беа разбрале „пораката од народот“ – се излажаа. Зашто, тие, не само што ништо не разбрале, туку и не можат да разберат. Толкав им е капацитетот, а против природата, или гените, не можете ништо!
Згора на тоа, тие не само што правеле нов политикантски циркус во Парламентот, туку тоа, онака гордо, си го ставиле и на нивниот партиски сајт. Што би рекле, со ретрограден речник, „црно на бело“, или со слика и тон, за сегашните и идни генерации! Со тоа ми падна во вода и надежта, колку и да беше мала, дека меѓу нив има барем некој доволно возрасен, па и паметен – барем малку – да го сопре ова резилење во континуитет. Ама – не било така. Овие се бетер од тоа што сме ги мислеле. Овие се – тотални дунстери за политика!
Зашто, ајде што треселе – треселе во Парламентот, ама тоа да го ставиш и на сајтот на „партијата“? Треба многу да си глуп, кој и да го направил тоа! И неук. Што, уште еднаш, ни ја појаснува целата нивна катастрофа во изминативе седум години.
Затоа, оние кои тој циркус го пропуштиле „во живо“ во Парламентот, сега можат во реприза да го доживеат. Вреди!
Вреди бидејќи тоа се неповторливи нешта по личната и партиската бламажа баш пред изборите на нов претседател, вреди бидејќи уште еднаш ќе видите на дело дел од оние кои цели седум години нѐ тормозеа со нивните будалаштини, неспособност и незнаење.
Меѓу нив, секако, „госпожата“ бивша министерка за труд и социјална политика која не умее не само да погоди еден точен акцент во „македонскиот“ јазик што го говори, туку згора „филозофира“ за лаги, неисполнети ветувања, партиски сателити… и др. И на јавноста ѝ се претстави во уште една нова светлина – како една од оние јасновидки кои за неизгласана влада знае дека ќе нема „нов почеток“ ниту реформи, туку само „рачињата подлабоко да им брцнат во медот“. Впрочем, оваа „госпожа“ уште за времето на нејзиното министерување беше позната по бајковитите изјави и ветувања за својот ресор, па веројатно мисли дека сите се како неа, нели?
Но, таа се подготовила и за исцрпно „секцирање“ на биографиите на идните министри наоѓајќи им секакви мани. Што веројатно не е грев, напротив, но кога тоа го прави една од тоталните анонимуси не само на сдсм туку и за областа во којашто преспа седум години, кога таа истата во нејзината влада беше опкружена со еднакви дилетанти од профилот на онаа Бисера, па Лукаревска, па Спасовски и Петровска, па Ковачевски, па Заев…, малку е невкусно, нели, и невоспитано!
Но, за „кадрите“ на сдсм тоа ништо не значи, зашто токму спомнатите исто така се редеа на собраниската говорница бесрамно говорејќи страотни глупости… И тоа токму тие „врвни“ кадри на оваа „секта-партија“ кои, со нивната неспособност, ги понижија не само ресорите во коишто „раководеа“ туку и партијата што ги беше поставила таму. Токму тие, и не само тие, беа една од главните причини за катастрофалниот пораз на сдсм на последниве избори, но кои – крајно незаслужено, безобразно и неморално – ги сместија задниците во собраниските клупи како божем некакви проминентни партиски првенци. Шака јада, што би рекле северните соседи!
И апсолутно бесрамно се ределе на собраниската говорница „просветлувајќи“ ја јавноста со нивни немушти „анализи“ и „согледби“ на капацитетите на новата влада и на нејзината програма, почнувајќи од оној бивш „премиер“ а сега „извонреден“ тинк-тенк за образование, човек идентификуван како едно од најкатастрофалните промашувања во македонската политика, сега бара, и наоѓа (?), некакви конзистентности со неговото економско „политикантство“; па преку оној Спасовски, кој се осмелува да предвидува дали ветеното во програмата на новата влада ќе биде реализирано, има образ да говори за „манипулативен начин“ на добивање на поддршка од граѓаните, па програмата немала рокови и финансиска конструкција…, па дури, после сѐ што тие не направија, се дрзнува да говори за образованието и здравството…; и, се разбира, фамозната „министерка“ за култура, овојпат без џокерот викан скафандер, не умеејќи да каже два збора за ресорот во којшто како првоодделенец се препелкаше толку време, се фати за Ванчо Михајлов, оној истиот кому тие му отворија „културен клуб“ токму во – Битола!
Некој, можеби, ќе посака да праша: добро, зошто го прават тоа? И тоа прашање, веројатно, ќе биде на место. Зашто, малку ли до сега се резилеа? Но, прво, ако им ги прочитате биографиите – а тоа требаше да го направиме уште во онаа 2017 година! – ќе видите со кого всушност си имате работа. А сега, токму тие, говорат за биографиите на новите министри!
И второ, им се може. Нив тие места, со тие огромни плати, им се загарантирани цели четири години. А ако бидат еднакво лоши како и претходно, а ќе бидат, пак ќе се стават на првите места на листите. И тука има голема доза на садизам, на нескриена омраза на овие ликови кон граѓаните, но и кон сопствената партија. Којашто, всушност, никогаш не била нивна, тие само ја присвоиле. А другите им дозволиле.
А сега ќе им дозволат и да си изберат претседател – поточно „претседател“! – по своја мерка. Затоа и си го присвојуваат правото на ваков циркус! Тие и понатаму мислат дека тоа се вика – политика!
И баш неодамна, веднаш по поразот на изборите, некој спомна дека не било многу важно „што ќе прави СДСМ со поразот, туку што може да се очекува од враќањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ“. Настрана што таквата констатација е крајно недолична и понижувачка, но иднината со погоре спомнатите циркузанти ќе се покаже како многу, многу поважна!
Извор: Теодосиевски уметност