НОВИОТ МОСТ ЌЕ СЕ ГРАДИ ПО ДОСЕГА НЕУПОТРЕБУВАНА ТЕХНОЛОГИЈА ВО МАКЕДОНИЈА Стариот мост кај Башино Село е зацврснат и безбеден за движење
Ги завршивме работите на мостот многу побрзо од што се очекуваше. Се зајакнаа гредите и столбовите и сега мостот е стабилен и функционално е многу јак, истакна директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.
Повторно е во функција мостот на реката Вардар кај Башино Село во Општина Велес. По зајканувањето на неговата долна конструкција, односно гредите и столбовите, мостот издржува товар до 40 тони и граѓаните можат безбедно да се движат.
Мостот е изграден во 1971 година, пред повеќе од 5 децении. Во последните 15 години беше високо ризичен за минувачите, поради што Владата, по препорака на Градежниот факултет, во јануари годинава беше задолжена да го затвори.
– По 6 месеци повторно сме тука, со исполнето ветување кое тогаш го дадовме пред граѓаните. Ги завршивме работите на мостот многу побрзо од што се очекуваше. Се зајакнаа гредите и столбовите и сега мостот е стабилен и функционално е многу јак – истакна директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски.
Тој најави дека во соработка со Министерството за транспорт веќе е во фаза проектирање на нов мост.
– Проектирањето е при крај, се надеваме дека во втората половина на годината ќе се објави тендерот за изградба на мостот и тоа по нова технологија, што досега не сме ја имале во земјава – рече Трајановски.
Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека мостот е пуштен во употреба и дека безбедноста е на прифатливо ниво.
– Сега сите сме сведоци дека повеќе не треба да ја користиме честичката „ќе“, туку „е“ – мостот е пуштен во употреба, бидејќи веќе сообраќаат тука возила и товарни и лесни патнички, така што цениме дека безбедноста е на прифатливо ниво. Овој потфат беше прилично брз, ефикасен и еве, конечно мислам дека ќе успееме да обезбедиме побрз транспорт во рамките на градот Велес – рече Мицкоски.
Според градоначалникот на Велес Марко Колев, во изминатите 15 години ниту еден премиер или министер не презел ништо за санација на мостот.
– Кога локалната и централната власт седнуваат на маса и разговараат, доаѓаат до вакви решенија за проблемите што ги мачат граѓаните. Преку 15 години мостот беше проблем. Не знам колку премиери и министри за транспорт и колку директори на јавни претпријатија дојдоа на оваа локација, но даваа ветувања од кои немаше ништо. Пред 6 месеци, по добивањето на извештајот од Градежниот факултет за алармантноста на состојбата, мостот беше затворен. Факултетот направи техничко решение, Владата овозможи негова реализација и денес веќе долниот дел од мостот е целосно реконструран. Мостот е пуштен за сообраќај во двата правца, граѓаните можат безбедно да се движат. Пораката до граѓаните е без страв да се движат по мостот – истакна Колев.