НОВИОТ МИНИСТЕР ЗА ЗДРАВСТВО МОЖЕ ДА ДОЈДЕ И ОД ЕВРОПСКИОТ ФРОНТ? Меџити води широки преговори со повеќе страни
На прашање дали за опциите ќе се разговара само во рамки на Вреди или со премиерот Христијан Мицкоски, Меџити одговори – „мислам и на други поединци, групи, политички субјекти кои се надвор од Вреди – во рамки на Европскиот фронт, кои се опозиција и можеби ќе преминат од другата страна“.
Во моментов Владата има стабилно мнозинство и веќе има ист број пратеници и по заминувањето на Таравари. И во албанскиот дел има легитимитет и ист број, и без Таравари имаме 13-14 пратеници, изјави претпладнево првиот вицепремиер Изет Меџити и соопшти дека се преговара со пратеници од Европскиот фронт „кои се опозиција и можеби ќе преминат од другата страна“.
На новинарско прашање дали тие ќе дејствуваат како дел од пратеничката група на Вреди, Меџити одговори дека дел се од мнозинството и од Европскиот фронт и, рече, „ќе бидат поддршка за Владата“.
Тој соопшти дека деновиве се „во преговори за повеќе политички опции“ за ресорот здравство по заминувањето на Арбен Таравари „и врз основа на тоа“ ќе дадат нов предлог за министер.
На прашање дали за опциите ќе се разговара само во рамки на Вреди или со премиерот Христијан Мицкоски, Меџити одговори – „мислам и на други поединци, групи, политички субјекти кои се надвор од Вреди – во рамки на Европскиот фронт, кои се опозиција и можеби ќе преминат од другата страна“.
Тој не прецизираше дали тоа значи дека преговараат со Зијадин Села, лидер на крило на Алијанса за Албанците која е дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ.
– Со повеќемина преговараме и ќе ве известивме кога ќе има конкретни резултати, сигурно следната недела – изјави Меџити одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на конференцијата „Унапредување на зелената инфраструктура во Западен Балкан“.
На прашање дали Владата има легитимитет кај Албанците по излегувањето на Арбен Таравари, тој одговори дека Вреди се повикува на „апсолутната победа на 107.000 гласови“.
– И ниеден од чинителите внатре во Вреди не може да каже дека ги има тие 107.000 гласови в џеб. Затоа што има гласови и опозициски настроени кои излегоа да гласаат за промена и надеж. Премина од другата страна Таравари, но не и целиот политички субјект. Деновиве гледате дека има тензии, има различни размислувања, се отповикуваат видни членови на Алијанса за Албанците и мислам дека грото од членството на Алијанса за Албанците ќе остане во рамките на Вреди бидејќи тие придонеле за победата и за овие промени и нема да дозволат заради лични побуди и лични интереси да се враќаат во Демократската унија за интеграција – истакна Меџити.
За тоа дали вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кадар од партијата на Таравари, ќе остане на функцијата, со оглед дека сѐ уште не најавил оставка, Меџити одговори „добро ја тера работата, успешно придонесува за промените и се надевам дека ќе продолжи“.