НОВИОТ КАНАЛ ЌЕ ГИ ЗАШТИТИ АРАЧИНОВО И ОКОЛИНАТА ОД ПОПЛАВИ Со подобар одвод на атмосферските води се штитат и нивите
Каналот, кој досега беше обраснат со вегетација и затнат со отпад, доби нова пропусна моќ со што се минимизираше опасноста од сезонски поплави.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска го посети Арачиново по повод финализирањето на проектот за „Регулација на дел од ободен канал во Арачиново“. Проектот е целосно финансиран од буџетот на Министерството за животна средина и просторно планирање во вредност од 63,9 милиони денари.
Со оваа стратешка интервенција се подобрува одводот на атмосферски води за над 12.600 жители, се зголемува безбедноста на населените места и ги штити земјоделските површини од поплавување – не само во Арачиново, туку и во соседните општини.
– Дојдов тука не само да го означам завршувањето на еден проект, туку да потврдам дека Арачиново останува во фокусот на нашите политики. Ќе продолжиме со уште повеќе инвестиции што значат подобри услови за живот за сите жители на оваа општина која со години чекаше вакви капитални проекти – изјави министерот Меџити.
Регулираниот дел на ободниот канал, во должина од 295 метри, ја враќа неговата природна функција. Каналот, кој досега беше обраснат со вегетација и затнат со отпад, доби нова пропусна моќ со што се минимизираше опасноста од сезонски поплави.
Покрај овој проект, Министерството за животна средина и просторно планирање во изминатите месеци инвестираше 93 милиони денари во речиси 20-тина проекти за водоснабдување, канализација и заштита од поплави во Арачиново, вклучувајќи и изградба на атмосферска и фекална канализација во повеќе краци од селото, регулација на речното корито во Мојанци, Грушино и Орланце, како и пешачки патеки, тротоари и уредување на јавен простор.
– Исто така тука се реализираат и значајни инфраструктурни зафати преку Министерството за транспорт и врски, само во текот на последниот период, реконструирани се локални улици и патишта во вредност од над 53 милиони денари со што се потврдува посветеноста на Владата кон Арачиново – потенцираше Меџити.