НОВИНАРОТ ФУРКАН САЛИУ ОСЛОБОДЕН „Никого не нападнав, ме претресоа незаконски“
Доцна синоќа приведениот новинар, осомничен дека нападнал припадници на Единицата за брзо распоредување и во чие возило беше пронајден пиштол, беше пуштен на слобода. Тој ја негираше верзијата на МВР за настанот, а полицијата најави детали за инцидентот по завршување на истрагата.
Новинарот Фуркан Салиу доцна синоќа беше пуштен на слобода, откако претходно беше уапсен за време на фудбалски натпревар во селото Средно Коњаре, а во неговото цвозило беше пронајден пиштол.
По ослободување, новинарот на Портали Х ги отфрли обвинувањата дека нападнал полициски специјалци, самиот ја обвини полицијата дерка незаконски го претресла неговото возило и во него пронашла пиштол што тој го поседувал без дозвола.
Салиу побара полицијата да докаже дека тој нападнал полицаец и како е отворено неговото возило без негово присуство. Тој обвини дека му биле избришани снимки од фудбалскиот натпревар на кој присуствувал како новинар, а отишол таму затоа што знаел дека ќе има нереди.
– Поради вашата поддршка бев ослободен, но во некоја различна ситуација немаше да бидам. Без никаков доказ. Нека докажат дека сум нападнал полицаец, јас утре ќе се повлечам, не ме гледате на екран. Нека докажат. Информиран сум сега дека мојот пиштол е најден во багажот, расклопен целосно како што е според закон, а најден е без мое присуство, во обид да избришат снимки – рече Салиу по ослободувањето.
Според него, настанот почнал кога едно младо момче, кој седело до него настрана од тепачката, настрадал од полицајците.
– Го фатија, го ставија под кола за да не се гледа и го тепаа. Го извадив телефонот за да го документирам тоа, затоа што дечкото навистина ништо не направи. Ми го зедоа телефонот, не знам дали е скршен, ме уапсија мене, сум пружал отпор, сум нападнал полицаец, нека го докажат тоа. Викав дека сум новинар, 90 отсто од тие полицајци ме знаат, пред два дена заедно бркавме криминалци – рече Салиу.
МВР претходно соопшти дека Салиу и уште едно лице се приведени затоа што нападнале припадници на ЕБР за време на фудбалскиот натпревар БВК Коњаре – Куманово.
Пред да биде ослободен од полициската станица во Автокоманда, каде што беше приведен, Фуркан Салиу се огласи на социјалните мрежи. Тој, меѓу другото, напиша:
„Жал ми е што со моето однесување можеби влијаев ситуацијата да ескалира за да завршам со лисици. Жал ми е дури и ако ве разочарав што верувавте во мојата работа. Ве уверувам дека јас не ја нападнав полицијата“.
По апсењето на Салиу, новинарските здруженија побараа тој да биде ослободен и случајот да биде брзо расчистен. СДСМ оцени дека ова е „обид за замолчување откако новинарот објави афера директно поврзана со ВМРО-ДПМНЕ“ и ги обвини новопоставените началници на СВР Скопје и на ЕБР од страна на министерот Панче Тошковски.
Се огласи и министерот Тошковски, објаснувајќи дека приведувањето на новинарот Фуркан Салиу е последица на извршен напад врз полициски службеници, припадници на Единицата за брзо распоредување, кои биле ангажирани за одржување на јавен ред и мир на фудбалски натпревар кој бил оценет како натпревар со безбедносен ризик.
Тошковски изрази разбирање за загриженоста на Здружението на новинари и Синдикатот на новинарите и ги повик политичките партии, здруженија, синдикати и сите други релевантни фактори да се воздржат од давање изјави и соопштенија со кои се врши притисок кон полицијата и да остават полициските службеници професионално да си ја завршат својата работа, без политика и исклучиво во согласност со Законот.
„Јавноста ќе биде целосно информирана за сите детали поврзани со овој случај веднаш по завршувањето на истрагата“, напиша на Фејсбук министерот Тошковски.