Новинарот Божиновски жестоко и со документи ја обвинува обвинителката Стефанова: А станот од Чифлиганец?!
Познавачите велат дека најмалку што треба да се стори е Лиле Стефанова да биде повлечена од најделикатните предмети наследени од некогашното СЈО, поради сомневања за постоење конфликт на интереси и други, посериозни компромитации
Новинарот Зоран Буревесник Божиновски на Фејсбук изнесе жестоки обвинувања на сметка на јавната обвинителка Лиле Стефанова, за кои алармираше и Државната комисија за спречување на корупција.
Во јули 2016 година, во периодот кога Божиновски бил притворен и обвинет во аферата „Шпион”, 21-годишната ќерка на Стефанова купила трособен стан од „Адора иженеринг” на Ванчо Чифлиганец, по цена од 75.000 евра, а не била ни вработена.
Божиновски тврди дека овој стан е купен од „криминални приноси” на обвинителката Стефанова, од нејзиниот интимен пријател Чифлиганец. Новинарот обвинува дека денес Чифлиганец е во „сватовско-лоповска” врска со „племенскиот сојуз” од Муртино.
Новинарот јавно пријавува до ДКСК дека спомнатиот стан не бил пријавен во имотниот лист на обвинителката Лиле Стефанова и тоа го докажува со објавен документ.
Интересно е дека Стефанова, нејзината ќерка и Чифлиганец своевремено ги доведе во врска и Орце Камчев, во неговото сведочење на суд, како сведок во аферата „Рекет”.
Камчев посведочи дека од него било побарано да обезбеди деловен простор за ординација за ќерката на Стефанова во зградата „Пегла” во Кисела Вода. Тој тоа го одбил, рече тогаш. Чифлиганец тогаш демантираше дека посредувал во зделката со која Стефанова наводно требала да се стекне со деловен простор од 200 метри квадратни.
Стефанова, кај која е распределен случајот „Империја”, била користена од Катица Јанева за од него да се бара рекет, тврдеше Камчев на суд. „Катица сè контролира, Лиле е до неа”, му велел Бојан Јовановски, сведочеше тогаш Камчев.
И покрај сите контроверзи и постојани барања на одбраната на Орце Камчев за нејзино иземање, Лиле Стефанова упорно останува да го води случајот „Империја”, а сега и „Плацеви на Водно”. Во судско-обвинителските кулоари се шпекулира дека поради нејзината позната нетрпеливост кон бизнисменот, Стефанова е задолжена за неговата финална „егзекуција”.
Можно ли е спрегите од времето на аферите „Шпион” и „Рекет” сė уште перфектно да функционираат, на линијата што ја спомнува и Божиновски? Познавачите велат дека најмалку што треба да се стори во ваква ситуација е Стефанова да биде повлечена од најделикатните предмети наследени од некогашното СЈО, поради сомневања за постоење конфликт на интереси и други, посериозни компромитации.