Новинарот Адамчевски на Инфективна излечен од коронавирусот
Да, лежев на Инфективна две недели, уште две недели во изолација и конечно од утре ќе излезам да се прошетам, вели новинарот.
Новинарот Мирче Адамчевски е еден од оние кој се зарази со коронавирусот и имаше среќа да го надмине и да оздрави. За него утре е голем ден. По се низ што помина изминатиов период конечно жив и здрав ќе може да излезе надвор и да се прошета. Неговото искуство со ковид-19 се однесува на сите кои ја имаа среќата, покрај се, да останат незаразени, да не лежат во болница, да не трпат болки а притоа да им пречат мерките за претпазливост, седењето дома и полицискиот час. Своето искуство Адамчевски го сподели на ммс.мк.
Како си сега откако помина едно премрежје?
– Да, лежев на Инфективна две недели, уште две недели во изолација и конечно од утре ќе излезам да се прошетам. Заболев дома,се собравме и некој од членовите на семејството го донесе и по неколку дена се појавија симптомите. По 10 дена се зголемија, се зголеми температурата и матичниот лекар ми рече дека треба да одам на Инфективна. Поминав две недели на инфективна како средно -тежок пациент, бидејќи таму се делат на лесни, средно – тешки и тешки. Не знам со кои лекови бев третиран. Дневно примав неколку инфузии и вториот ден веќе ми спадна температурата. Полека се опоравував. Морам да кажам пофални зборови за персоналот на Клиника. Морам да го споменам нивниот професионализам и односот кон пациентите полн со оптимизам и тоа во прв ред на лекарите. Но, посебно треба да се издвојат медицинските сестри, бидејќи да работиш од седум наутро, до седум навечер а голем дел од тоа време да си со заштитни маски, очила или визири и друга заштитна опрема, не е лесно. Плус пациенти во разна здравствена состојба, непекинати повици преку ден и на полнок, болни се јавуваат, инфузии, инекции. Да не зборувам низ што се поминуваат. Во една реченица медицинските сестри се ангели чувари на пациентите.
Целото интервју можете да го прочитате на овој линк.