НОВИНАРИТЕ ЌЕ БИДАТ ПОЗАШТИТЕНИ ОД НАСИЛСТВА Клеветата и навредата нема пак да бидат кривични дела
Новиот кривичен законик, се очекува да биде донесен до крајот на годината. Глобите за граѓанска одговорност за клевета и навреда драстично ќе се намалат. Во подготовка е нов закон за помилување. Ова се новините што ги обзнани министерот за правда Тупанчевски.
Насилството и убиството на новинар ќе претставуваат квалифициран облик на кривичното дело. Ова е една од новините што се предвидени во измените на Кривичен законик, кои се во собраниска процедура и тие треба да бидат усогласени со целосно новиот Кривичен законик, кој веќе постои во првична нацрт-верзија и за кратко време ќе биде ставен на ЕНЕР, а треба да биде донесен до крајот на годината.
Ова денеска го најави министерот за правда Никола Тупанчески. Тој вели дека со одредбите за поголема заштита на новинарите се подигнува квалитетот на општествената реакција.
Прашан за можноста да се врати клеветата како кривично дело, Тупанчески појасни дека наспроти Германија, каде клеветата и навредата како противправни дејствија се составен дел од Кривичниот законик, според кој, ако се наклевети пратеник, е предвидена казна затвор до 5 години, кај нас се применува друг концепт, посебен Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда.
Измените на тој закон коишто биле во собраниска процедура се повлечени, заради допрецизирање на одредбите и вметнување на забелешките од новинарската фела. Една од корекциите е во однос на износот на глобите предвидени со овој закон, кои треба драстично да се намалат.
Законот за помилување, пак, вели Тупанчевски, практично е нов закон. Новина е дека во рана фаза од судската постапка нема да постои можност за помилување.
– Се обидуваме да се сведат на минимум таквите можности за различно толкување на законот, така што дадени се прецизни критериуми. Се знае точно кои институции какви надлежностите имаат и практично се анулирани сите оние потенцијални можности за злоупотреба на законот за помилување – изјави министерот за правда, одговарајќи на новинарски прашања, на маргините на 10-тата сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) на тема „Актуелните предизвици во македонското правосудство низ перспективата на препораките на националната конвенција за Европската унија во Северна Македонија“, во рамки на активностите од проектот Национална конвенција за Европската Унија во Северна Македонија.