НОВИ ВЕТУВАЊА ОД КОСТОВСКИ Три градинки, две училишта и два парка за Бутел во следниот мандат
Костовски најави изградба на нов културен дом, училишта и паркови во Бутел, и изрази увереност во победа уште во првиот круг.
Кандидатот за градоначалник на Општина Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски, во гостувањето во емисијата Тема на денот на телевизија Сител, ги презентираше реализираните проекти во изминатите четири години и ги најави идните планови за развој на општината.
Костовски истакна дека во текот на неговиот мандат се реализирани околу 70 проекти кои не биле дел од изборната програма, меѓу кои и новиот затворен базен во Радишани.
– Најавив две нови градинки, изградени се две нови градинки. Најавив ново училиште во Визбегово – целосно е изградено. Во Радишани градиме огромен парк од 10.000 квадратни метри, со плоштад и трим патека покрај реката Серава. Изградивме и нови 5000 квадратни метри зеленило – рече Костовски.
Тој додаде дека во изминатите години во општината е направена „револуција во спортот“, со пет нови спортско-рекреативни центри, 13 спортски игралишта и 10 детски игралишта.
– Во моментов се гради нов затворен базен во Радишани, проект што не беше најавен, но го реализираме. Околу 70 проекти кои не беа дел од програмата се успешно завршени – нагласи Костовски.
Во однос на новите капитални инвестиции, Костовски најави дека во следниот мандат ќе започне изградба на плоштад и културен дом во Бутел, како и три нови градинки, две нови училишта и два нови парка во Радишани и на Христијан Тодоровски Карпош.
– Ќе изградиме културен дом кој ќе биде ново собирно место за граѓаните на Бутел. Ќе има три нови градинки – во Радишани, Визбегово и Бутел 1, како и нови училишта во Љубанци и Љуботен. Ќе изградиме и два нови парка, со што Бутел ќе стане позелена и попријатна општина за живеење – изјави Костовски.
На крајот од гостувањето, Костовски изрази увереност во победа уште во првиот круг од изборите, наведувајќи дека чувствува силна поддршка од граѓаните.
– Граѓаните ги препознаваат проектите кои ги реализиравме и гледаат дека работиме посветено. Убеден сум дека победата ќе ја донесеме уште во првиот круг – рече Костовски.