Нови телефонски линии за психо-социјална поддршка на родителите и децата 

Телефонската линија 078 378 728 за помош на тинејџерите и на нивните родители и телефонската линија  070 291 574 за помош на родители на деца со попреченост ќе работат од 9 до 16 часот секој работен ден.  Телефонската линија 072912676 за помош на деца на училишна возраст и на родители на деца на предучилишна и училишна возраст ќе работи од 9 до 19часот секој работен ден

289

Во соработка со Министерството за здравство и во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија, УНИЦЕФ денеска отвори две нови телефонски линии за поддршка на менталното здравје и психо-социјална поддршка на тинејџерите и на нивните родители и на родителите на деца со попреченост погодени од кризата со КОВИД 19.

Ова е дополнителна поддршка на веќе воспоставената телефонска линија на Универзитетската клиника за психијатрија за родителите на децата од предучилишна и училишна возраст која сега е отворена и за самите деца на училишна возраст.






– Сакаме да ги охрабриме родителите и децата да разговараат за сите прашања и проблеми. Нормално е тие да имаат различни реакции на КОВИД 19 како што е нормално да се борат да го задржат чувството на нормалност дома. Во оваа ситуација, децата и тинејџерите може да се чувствуваат тажно, изолирано, па дури и луто. Со телефонските линии ќе им се понуди поддршка на родителите околу олеснување на продолжениот стрес и ќе им се помогне на децата и тинејџерите да изградат издржливост за снаоѓање во стресни ситуации, особено сега кога им е сменета секојдневната рутина и мораат да останат дома – рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Освен непосредните здравствени проблеми, кризите како пандемијата на КОВИД-19 може да предизвикаат пошироки ефекти врз децата и нивните семејства, како што се вознемиреност и страв од непознатото. Главната цел на новите услуги е да се обезбеди советување и поддршка за да се спречат второстепени ефекти од епидемијата, како што се запоставување на децата, недостаток на родителска грижа и поголема изложеност на насилство во семејството.

– Освен одговорното постапување за заштита од вирусот, треба да се погрижиме да бидеме безбедни и од второстепените негативни ефекти коишто пандемијата може да ги има врз нашето ментално здравје. Континуираниот стрес и анксиозност може значително да се одразат врз нашиот ум и способност да се одбраниме. Од огромно значење е сериозно да ги сфатиме нашата и благосостојбата и менталното здравје на нашите деца и да побараме поддршка – изјави Венко Филипче, министерот за здравство.

– Актуелната пандемија на вирусот COVID-19 ни ја зголемува свесноста за грижата за здравјето на нас и нашите деца. Но, покрај физичкото здравје, во вакви услови е од особена важност да обрнеме внимание и на грижата за менталното здравје, да ја развиваме отпорноста и поврзаноста во рамките на семејството, да ја искористиме оваа несакана состојба како можност за подобрување на ментална благосостојба пред сѐ на младите – рече професорот Стојан Бајрактаров, директор на Универзитетската клиника за психијатрија.

 

 

Поврзани содржини