НОВИ СТРАНСКИ ПАРИ ТРОПААТ НА ВРАТА Мицкоски најави дека друга земја од ЕУ сака да инвестира кај нас
Владата води активни преговори со седум странски инвеститори кои би можеле да вложат во технолошко-индустриските развојни зони низ целата држава, вклучително и зоните во Делчево и Кочани, откри премиерот Мицкоски.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Делчево најави дека Владата води активни преговори со седум странски инвеститори кои би можеле да вложат во технолошко-индустриските развојни зони низ целата држава, вклучително и зоните во Делчево и Кочани.
– Во моментот имаме преговори со седум инвеститори и очекувам во периодот што следува тие инвестиции да ги објавуваме во јавност. За три од нив сè уште не се избрани конкретни локации – истакна Мицкоски.
Премиерот најави и дека се ближи финализирање на меѓудржавен договор со друга европска држава, кој ќе опфати реконструкција и изградба на патишта на локално, регионално и магистрално ниво.
– Очекувам многу скоро да го заокружиме Влада со Влада договорот. Тој ќе опфати и постоечки патишта и изградба на нови – рече тој.
Осврнувајќи се на новиот повик на Агенцијата за вработување, кој ќе предвиди зголемена поддршка за младите, Мицкоски посочи дека се прават законски усогласувања кои се во тек или се веќе поминати во Парламентот.