Нови предвремени парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ќе бара веќе следната година
Николовски рече дека не е убеден оти тоа ќе се случи. Меѓутоа, појаснува дека пратеничката група во Собранието интензивно разговара со неколку помали политички партии со цел да падне Владата.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски во гостувањето во Дневникот на Сител, рече дека партијата веќе бара предвремени избори.
Откако искажа сериозни обвинувања за изборен поткуп на Парламентарните избори кои се одржаа годинава, Николовски рече дека најголемата опозициска партија веќе бара и ќе бара нови предвремени избори оваа година.
– Нашиот план е во три чекори. Првиот чекор е Владата да поднесе оставка. Вториот чекор е да се формира Влада на национално единство, или за национален спас која би ги собрала најголемите умови во Македонија и која би имала поддршка од сите политички партии. Нејзина задача би била да ја извади државата од здравствената и економската криза. Тоа мислам дека ако сега почнат да го работат ќе можат до април-мај да го реализираат и веднаш потоа да се оди на предвремени парламентарни избори на кои што Македонија ќе добие нова политичка Влада, а јас сум убеден дека ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ – рече Николовски.
Според него, во моментот на власта и се случува апсолутна катастрофа.
– Од една страна имаат еден голем економски пад, зашто овие средства кои фалат и за кои се позајмуваат очигледно е дека не знаат како да ги изменаџираат. А, од друга страна, мора да исполнуваат политички договори, односно мора да задоволуваат апетити на коалиционите партнери – рече Николовски.
Во однос на првата точка од планот на опозицијата, власта да си поднесе оставка, Николовски рече дека не е убеден оти тоа ќе се случи. Меѓутоа, појаснува дека пратеничката група во Собранието интензивно разговара со неколку помали политички партии со цел да падне Владата.
– Многу брзо по празниците јавноста ќе има што да види – рече Николовски.