НОВИ ПРАВИЛА ЗА РЕГИСТРАЦИЈА Собранието ги изгласа промените во Законот за возила

672

Пратениците денеска на продолжението на 59. седница без расправа со 64 гласа „за“ без воздржани и против го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за возила, по скратена постапка.

Со законските измени се олеснува процесот на регистрирање на возилата, така што им се дава можност на станиците за технички преглед да даваат потврда за регистрирано возило, врз основа на претходно утврдени критериуми, која ќе се поистоветува со печатот во сообраќајната дозвола, како и тоа регистрацијата да се врши на цела територија на државата, а не како досега во близина на местото на живеење.






Пратениците во попладневниот дел од работата денеска во Собранието одржаа продолженија на повеќе седници и тоа на 43, 51, 55, 59 и 60.

Во продолжението на 60. седницата, пратениците ја завршија општата расправа по Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за полиција во прво читање и го проследија на второ читање на Комисијата за одбрана и безбедност и Законодавно правната комисија на Собранието.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, образложувајќи го Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, рече дека измените не се обемни, но се важни и претставуваат логично продолжение на новиот Закон за внатрешни работи и обезбедуваат усогласување со новиот концепт на организација и управување во полцијата.

– Целта е да се обезбеди појасна, пофункционална и поконзистентна правна рамка која одговора на реалните потреби на системот. Измените се однесуваат на условите за именување на директор на Бирото за јавна безбедност. Водејќи се од начелото на професионалност работното искуство од 12 години се дефинира исклучиво во полициски работи и ова е клучната измена во согласност со она што го имаме како моментално решение. Со што цениме дека ќе се зголеми потребата од професионално искуство на директорот на БЈБ, кој што би требало да биде првиот полицаец. Второ, ја проширување рамката на прифатливо образование од досегашните четири факултети, кон поширок опфат на факултети од општествените науки – изјави Тошковски.

Тој рече дека во однос на потребното работно искуство на началниците на Секторите за внатрешни работи, се прави усогласување на потребни години работно искуство согласно систематизација, така што се бара изречно работно искуство во рамки на конкретната работна позиција што е многу поразично од тоа досега, со што ќе се овозможи поголема професионалност и мобилност на вработените во МВР.

Пратеникот и координатор на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски, рече дека иако мали, има доста сериозни измени кои се предлагаат во Законот за полиција.

– Сметам дека е добро што во законот 25 проценти од средствата за асистенција ќе одат на сопствената сметка на МВР и на тој начин ќе се подобрува буцетот на Министерството и тоа е добро како измена. Оставањето на можност за директор на полицијата да бидат сите кандидати кои што имаат образование од областа на општествените науки, сметам дека е премногу широко, ако се земе кои се факултети спаѓаат во областа на општествени науки навистина се остава една поголема ширина. Второ, сметам дека не треба советодавните позиции да бидат во можност да бидат директори на македонската полиција, затоа што доколку бил само на советодавна позиција не бил раководител во ниту еден сегмент во МВР, дури и од најниско ниво, и не гледам соодветна подготвеност да раководи со целиот тој полициски апарат, а не раководел ниту со пет полициски службеници – изјави Спасовски.

Според Спасовски, добро е што се зголемува бројот на полициски станици во одредени општини каде има зголемување на бројот на население и со тоа се зголемува и нивото на безбедност, но дека не е добро што се укинуваат регионалните центри за погранични работи.

Собранието со 63 гласа „за“, без воздржани и притив го проследи на второ читање Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за домување.

Заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, образложувајќи ги предлог измените, рече дека тие се технички, со оглед иако овој закон 12 години е на сила не покажал резултати поради нејасни ставови.

– Треба да се основаат компании кои ќе менаџираат и кои ќе имаат лиценци и се уредува поточно начинот и објектот за менаџирање, како и начинот на прифаќање, односно основање и третирање на личните податоци, поврзани со ова. Со овој предлог закон се предвидува и одржување на седници, кои ќе бидат аудио и визуелно преку интернет, а за подобро и побрзо функционирање. Се поставува и контрола над претседателот на заедницата, кога нема одредено администратор – изјави Зеколи Шаќири.

Пратениците со 61 глас „за“, без воздржани и против го проследија во второ читање Предлог закон за изменување и дополнување на законот за рибарство и аквакултура.

Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа, образложувајќи ги предлог измените, рече дека со нив се регулира пазарот, надлежните органи, заштитата на рибите и другите водни органи, помошта за рибарите, надомест на штети, рибарството и производство на материјали за рибарење и други значајни прашања од областа на рибарството.

– Со измените се предвидува спроведувањето на измените на законот за увоз на производи од рибарство и аквакултура да почнат три години по влегувањето во сила на овој закон и да се овозможи изградба на систем за потраги во склад со системот на ЕУ – изјави Хоџа.

Собранието без расправа со 62 гласа „за“ без против и воздржани го усвои заклучокот со кој констатира дека автентичното толкување на член 2 од Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, поднесено од пратеникот Бране Петрушевски, не е оправдано и нема потреба од автентично толкување од причини содржани во извештајот на Законодавно правната комисија на Собранието.

Собранието во рамки на 43. седница без расправа ги помина Предлог на закон за изменување на Законот за употреба на знаковниот јазик, Предлог на закон за изменување на Законот за социјална сигурност за старите лица, Предлог на закон за изменување на Законот за инвалидски организации, Предлог на закон за изменување на Законот за материјално обезбедување на учесниците во Народноослободителната војна – сите во прво читање и со по 64 гласа „за“, без воздржани и против беа проследни на второ читање на матичните собраниски комисии.

Без расправа во второ читање беа проследени и Предлог на закон за изменување на Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци и Предлог на закон за изменување на Законот за правата на прогонуваните и затворaните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства со по 65 гласа „за“, без воздржани и против.

Во второ читрање, исто така без расправа беа проследени и Предлог на закон за изменување на Законот за обележување, уредување и одржување на гробишта и гробови на борците погребани на територија на Република Македонија и во странство, како и на припадниците на странските армии од поранешните војни на територија на Република Македонија и Предлог на закон за изменување на Законот за правата на носителите на Партизанска споменица 1941, на лицата одликувани со Орден на народен херој и на борците од Шпанската националноослободителна и револуционерна војна од 1936 до 1939 година, со по 63 гласа „за“, без воздржани и против.

Во продолжението на 51. седница на Собранието, пратениците без расправа со 63 гласа „за“, без воздражни и против, го донесоа предлог законот за ратификација на Договорот за Централноевропската програма за размена на универзитетски студии (ЦЕЕПУС IV).

Пратениците во продолжението на 55. седница на Собранието, попладнево со 64 гласа „за“ без против и воздржани ја донесе одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.

Поврзани содржини