НОВИ ПРАВИЛА НА ИТАЛИЈАНСКИТЕ АЕРОДРОМИ Се укинува легитимирањето при влез во авион на дестинации во Шенген зоната

Новите правила сè уште не важат за пријавување на шалтерите на аеродромите, каде што сè уште ќе биде потребна лична карта за издавање карта за влез во авионот.

724

Патниците кои од италијанските аеродроми летаат на дестинации во Италија и во земјите од Шенген зоната повеќе нема да покажуваат лична карта или пасош при влез во авион, туку само авионски билет, објави италијанската агенција за цивилно воздухопловство ENAC.

Тоа значи дека персоналот на авиокомпаниите нема обврска на влезот да проверува дали името на личната карта се совпаѓа со она на авио-картата.






ENAC наведува дека безбедноста не е загрозена бидејќи сите патници претходно поминале низ стандардни проверки на безбедносните точки – детектори за метал и рендгенски уреди пред да влезат во таканаречената „стерилна зона“ на аеродромот, објавува Corriere della Sera.

Новата постапка се однесува исклучиво на летови во Италија и до земјите-членки на Шенген зоната. Ова вклучува 25 членки на Европската Унија, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Ирска сè уште бара задолжителна идентификација, додека Кипар постепено ги хармонизира своите процедури.

На патниците сè уште им се препорачува да носат лични документи како што се лична карта, пасош или возачка дозвола – и поради можни случајни проверки и поради потребата од идентификација при враќање од странство, особено од земји кои не го применуваат истиот режим.

Италијанското Министерство за внатрешни работи го задржува правото да ја направи идентификацијата задолжителна за таканаречените „чувствителни рути“ во Италија, кои се сметаат за ризични од аспект на миграцијата.

Според проценките, новата постапка би можела да опфати 51 милион патници до крајот на 2025 година, додека во 2026 година таа бројка би можела да се зголеми на 92 милиони.

Новите правила сè уште не важат за пријавување на шалтерите на аеродромите, каде што сè уште ќе биде потребна лична карта за издавање карта за влез во авионот.

Поврзани содржини