НОВИ ПОВРЕДЕНИ СЕ ВРАЌААТ ДОМА Четворица преживеани од пожарот во Кочани пристигнуваат во Скопје
Бројот на пациенти кои остануваат на лекување во странски клиники се намалува на 11 лица, а според надлежните, сите се во стабилна состојба.
Уште четворица пациенти повредени во големиот пожар во Кочани се враќаат од лекување во странство и ќе бидат згрижени во Клиниката за пластична хирургија и Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје – информира Министерството за здравство.
Еден од повредените веќе пристигнал вчера од Софија, две лица денеска се враќаат од Белград, а четвртиот пациент утре повторно пристигнува од Софија.
Со ова, бројот на пациенти кои остануваат на лекување во странски клиники се намалува на 11 лица, а според надлежните, сите се во стабилна состојба.
Министерството информира дека специјалисти од Клиниката за пластична хирургија редовно патуваат во Кочани, каде прават прегледи, тријажа и преврски на повредените. Во третманот се вклучени и специјалисти по физикална медицина и психијатри, кои работат на рехабилитација на лицата со тешки изгореници.
„Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата со повредените пациенти, обезбедувајќи им најдобар можен третман и натамошна рехабилитација“, се наведува во соопштението