НОВИ КЛИНИКИ, ПОВИСОКИ ПЛАТИ, ИЗМЕНИ НА 12 ЗАКОНИ ЗА ЗДРАВСТВОТО Министерот Алиу вети дигитализиран и модерен здравствен систем
По повод една година од работењето на Владата, министерот за здравство, Азир Алиу, ги презентираше клучните постигнувања и новите иницијативи во здравствениот систем, нагласувајќи дека „здравството не се менаџира со инерција, туку со логика, дисциплина и со податоци“.
Министерството почна подготовка на измени на 12 основни закони во здравствениот систем, изјави министерот за здравство, Азир Алиу, давајќи отчет за една година од функционирањето на Владата.
Нашата визија за активно здравство е систем што однапред е планиран, истакна тој.
– Во развој е дигитализацијата на здравството, а тоа не е луксуз, туку нужна алатка за отчетно, правично и за ефикасно здравство. Затоа почнавме со подготовка на измени на 12 основни закони од здравствениот систем. Секој закон ќе биде третиран од експертска група, бидејќи модерно здравство не се гради со импровизации, туку со прецизни и со системски правила. Здравствениот систем не смее да се води со претпоставки. Затоа почнавме да ги мапираме состојбите и реално да ги проценуваме капацитетите, потребите и празнините во здравствениот систем. Веќе не се одлучува од око. Иднината е здравство што се проценува врз основа на податоци, а не на навики. Министерство активно работи на системот базиран на 5 столба – посочи министерот.
Иако на функција е нешто повеќе од еден месец, Алиу уверува дека веќе се поставени темели за системски и отчетен пристап во здравството, каде што во центарот стојат граѓанинот и лекарот, а не бирократскиот апарат.
– Дигитализацијата не е замена за одговорност. Таа е алатка што ни овозможува да ја следиме, мериме и да ја подобриме токму таа одговорност – истакна министерот.
Поголеми плати и поддршка за младите лекари
Како една од најважните мерки, министерот ја посочи одлуката за зголемување на платите на здравствените работници – за 4.815 денари нето кај медицинскиот персонал и за 6.200 денари за медицинските сестри.
– Ова не е само финансиска поддршка, туку порака дека државата стои зад тие што се грижат за здравјето на граѓаните – нагласи Алиу.
Дополнително, со решавањето на статусот на приватните специјализанти, вработени се 600 млади лекари, во две фази по 300. Првата група веќе ја завршува процедурата за вработување, а повикот за втората група е објавен на веб-страницата на Министерството.
– Успехот не го мериме во бројки, туку во пораката дека младите лекари не се оставени сами. Стојам зад секој што одлучува со знаење – рече министерот.
Нов пристап до лековите и до институциите
По цели 10 години, конечно е ажурирана позитивната листа на лекови – со 9 нови генерички препарати, односно со 87 лекови во различни форми, посочи министерот Алиу.
Но, како што нагласи, „реформите не значат ништо ако граѓанинот не може да се приближи до системот и да биде слушнат“. Затоа, Министерството започна со концептот на „Отворен кабинет“, каде што граѓаните директно можат да ги изложат своите проблеми и идеи.
Дигитална алатка против мито и против злоупотреби
Министерството имплементираше нова електронска алатка за пријавување неправилности во здравствените установи. Досега реагирале 39 граѓани – 27 на македонски и 12 на албански јазик. Најчесто пријавувани проблеми се непрофесионално однесување, игнорирање пациенти, одбивање третман, доцнење во услугите и барање мито.
– За да сме сигурни во точноста на информациите, формиравме канцеларија што ќе ги верификува пријавите. Ќе ги разгледаме сите обвинувања и ќе постапиме, ако има прекршување на законот – објасни министерот.
Милионски инвестиции во болниците
Во изминатата година се инвестираше во реконструкција и во модернизација на низа здравствени установи, рече Алиу.
На Клиниката за гинекологија се реконструираат лабораториите, амбулантите и кабинетите со инвестиција од 22 милиони денари. Првиот кат на Инфективната клиника е целосно реновиран со интензивна нега, инвестиција вредна 1,5 милиони евра, потенцира министерот за здравство.
– Целосно се реновираше Универзитетската психијатрија, се пушти нова компресорска станица на Хируршките клиники, а во Поликлиниката „Идадија“ е инсталиран нов апарат за магнетна резонанца. Се реконструираат и болниците во Тетово, Гостивар, Велес и во Прилеп. Особено значајно е отворањето нова клиника во општина Илинден, што ќе опслужува 30.000 жители, што е прва ваква новоотворена установа по речиси половина век – изјави Алиу.
Тетово добива 2 нови објекта – клиниката ќе се проширува
Алиу најави дека Владата веќе работи на решавање на долгогодишните проблеми во Тетовската болница.
– Административниот дел е решен, а наскоро се очекува продолжување на услугите. Владата усвои буџет за изградба на 2 нови објекта со проширени услуги. Тетово ќе биде еден од клучните центри за вложување – рече тој.
По повод една година од работењето на Владата, министерот, на прес-конференција во Владата ги презентираше клучните постигнувања и нови иницијативи во здравствениот систем, нагласувајќи дека „здравството не се менаџира со инерција, туку со логика, дисциплина и со податоци“.