Нови гнасотилаци од лабораторијата на лаги на Сашка Цветковска

Маја Јовановска, новинарка во ИРЛ на Сашка Цветковска, јавно изјави дека обвинети во случајот „Поштенска банка“, преку посредник, се обиделе да ја поткупат. Ама, она одбила. А некој друг божем прифатил... Молам?! Има ли јавен обвинител во оваа држава или нема?

640

Во својата последна видео-сторија под наслов „Цената на правдата“, во која се зборува за наводни злоупотреби на вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јове Цветановски, ИРЛ и уредничката Сашка Цветковска пласираат шпекулација дека неколку новинари и медиуми, наводно финансирани од лица поврзани со обвинителски предмети, со платени интервјуи и на други начини, здружено ги поддржале тие злоупотреби.

Оваа шпекулација, во видео-сторијата опишана со многу поексплицитни и клеветнички изрази, наместо докази, е „поткрепена“ со инсерти од медиумски настапи на Хајрулахи. Меѓу другите, искористени се и два инсерта од мојот поткаст со тогашниот суспендиран обвинител. Интересно е дека тие инсерти немаат суштинска врска со приказната што се „тркала“ во сторијата на ИРЛ (за тоа како Хајрулахи наводно малтретирал вработени жени во Вишото јавно обвинителство). Затоа и не држи оправдувањето дека инсертите се употребени заради контекстуализирање и јавна критика.






Која е цената за лагите во видео-сторијата „Цената на правдата?“

Редакцијата на Плусинфо се обрати до платформата Јутјуб со реакција поради очигледна повреда на авторските права. По стандардна процедура, Јутјуб привремено го отстрани видеото на ИРЛ, а од нас побара во рок од 10 работни дена против ИРЛ да поведеме судска постапка за повреда на авторските права, зашто во спротивно видеото ќе биде вратено на платформата. И веќе е вратено.

Во меѓувреме, лични неодложни обврски привремено ме спречија да трошам време и енергија за менаџирањето на еден таков потфат каков што би бил спор за повреда на авторски права. Но, таа можност сè уште ми стои на располагање. Дотолку повеќе што истата видео-сторија е објавена и на МТВ. Сè уште имам време да поднесам и тужба за навреда и клевета, бидејќи во сторијата сум очигледно и брутално наклеветен.

А вистината е оваа:

Прво, моето интервју со Хајрулахи не е платено од никого. Како што не се платени сите мои интервјуи, колумни и анализи. Станува збор за мои авторски прилози, за кои ме плаќа само мојата редакција и никој друг.

Второ, не постои никаков договор или некакво здружување меѓу мене и другите новинари спомнати и исто така брутално наклеветени во сторијата на ИРЛ, да им се даде медиумска поддршка на двајцата „спорни“ обвинители. Тоа е чиста и прилично глупава измислица. Суспендираниот Хајрулахи во еден период говореше и сведочеше за настани и појави од јавен интерес и тоа е причината поради која повеќе новинари и медиуми го бараа за интервју.

И трето, на ниту еден начин не сум бил ниту сум финансиски или политички поврзан со било кој од луѓето обвинети во четирите предмети кои се спомнуваат во видео-сторијата на ИРЛ.

Хистерични жалопојки за „цензура“

По привременото отстранување на видеото од Јутјуб, според моите очекувања, почнаа хистеричните жалопојки на авторите на сторијата, дека реакцијата на Плусинфо до Јутјуб била обид за цензура. Ја премолчав оваа глупост, во очекување на она „главното“. Бидејќи знаев дека лаборатпријата за лаги на Сашка Цветковска мора да измисли уште нешто, некаков нов гнасотилак, во обид да ме девалвира во очите на јавноста.

Не им е прв пат. Само да потсетам.

Брутално и упорно лажеа дека сум платен од д-р Жан Митрев, иако Сашка Цветковска дури и од пи-ар агенцијата што го застапува кардиохирургот беше известена дека Плусинфо и неговата клиника никогаш немале деловна соработка.

Лажеа и манипулираа, опишувајќи ги моите односи со луѓе како д-р Митрев, Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Ратко Димитровски и други, како одбрана на „моќници“ и на „олигарси“.

Ме навредуваа со најпогрдни изрази („кукавичко новинарство“ и слично), кои сведочат за една неверојатна опседнатост на мојата поранешна студентка Цветковска со желбата по секоја цена да ме оцрни како новинар и да ги доведе под сомнеж мојата чест и мојот морал.

Затоа, со право очекував нов, гнасен и подмолен атак. И дочекав.

Кој ѝ нудел „пари за сторија“ на Маја Јовановска?

Од пред неколку дена, на социјалните мрежи се емитува кратка видео-снимка, во која Маја Јовановска, новинарка во ИРЛ, раскажува како жена од некоја маркетинг агенција и понудила пари за да објави документи, кои биле во прилог на обвинетите во случајот „Поштенска банка“. Јовановска одбила, а потоа забележала дека сторијата се појавила „во еден од најчитаните портали, потпишана од главниот уредник“.

Не кажува Маја за кој портал станува збор и за кој автор. Претпоставувам, поучена е да си игра со оган.

Не кажува Маја ни зошто жената од агенцијата прво ја избрала ИРЛ да понуди „пари за сторија“, а не веднаш тој портал и тој уредник. Та нели ИРЛ не работи за пари, што ќе рече „непрофитно“? Чудно…

Но, дури и да не кажува имиња, новинарката на ИРЛ јасно обвинува конкретни лица за обид за поткуп. Имено, се знае кои се обвинетите во случајот „Поштенска банка“, а се знае и тоа дека двата клучни лика се Ратко Димитровски (поранешен градоначалник на Кочани) и бизнисменот Томе Главчев од Гевгелија. Која е фамозната „пиарка“, е тоа не се знае.

Маја Јовановска нема храброст да зборува со имиња и презимиња. Таа, во случајов, сака само да инсинуира. А јавноста ќе „знае“ кои се „лошите момчиња“. Ќе ги именува во коментарите под нејзината објава. И после сето тоа ќе се нарече „истражувачко новинарство“. А ЗНМ и ССНМ тоа, јасно, ќе го поддржат. И ако некој тужи, како и во други прилики кога суд утврдил одговорност за клевета, целата новинарска заедница ќе лелека дека тоа биле „стратешки“ тужби, обиди за замолчување на новинарите, цензура…

Јас не побарав ни денар, ниту некој ми понуди – како тоа ѝ понудиле пари баш на Маја Јовановска?

Но, да се вратам на подмолната и „стратешка“ инсинуација на Маја Јовановска.

Вистина е дека имам пишувано многу анализи за дузина т.н. високопрофилни судски случаи, од кои повеќето на поранешното Специјално јавно обвинителство, таа најсрамна институција во историјата на македонскиот правосуден систем.

Вистина е дека секогаш сум пишувал за процедурални пропусти, за повреди на правото на одбрана, за определување притвори заради притисок врз осомничените и за изнудување признанија, за креирање обвиненија без поткрепа, за доказни постапки без докази и за многу други фатални слабости поради кои судски предмети или паѓале во повисок степен на судење или застарувале.

Вистина е дека секогаш сум се трудел да придонесам одбраната да добие рамноправен пристап и во медиумите (не само во судница), што е особено важно во општества во кои не се полага многу на принципот на презумпција на невиност. Ако немало друг – а често немало – моите написи и анализи го правеле тој неопходен баланс.

Можам да се пофалам со три работи:

Прво, за ниту еден од тие написи немам добиено ниту еден демант, а не пак тужба за клевета. Ниту една реакција. Ништо. Само молк пред аргументите и пред фактите, пред кои молчат и боговите.

Второ, епилозите на најголем дел од тие случаи покажаа дека моите аргументи биле непобедливи, а моите анализи биле точни.

И трето, ова многу важно за Сашка и за Маја – за ниту еден од тие написи не сум побарал и не сум добил ни денар!

Еден од тие случаи за кои пишував е „Поштенска банка“. Се разбира, „го добив“ и тој случај – ако смеам така да се изразам – затоа што предметот, од самиот почеток, од обвинението, беше, што се вели, „криво насаден“. Бидејќи случајот веќе е ад акта, нема потреба повеќе да докажувам. Моите анализи остануваат во архивата на Плусинфо, како доказ дека за судските случаи може да се пишува фер, а на крајот, вистината сепак да победи.

Јавен обвинител да утврди дали Димитровски и Главчев на ИРЛ ѝ нуделе пари

Ратко Димитровски е мој долгогодишен пријател, од времето кога го печатеше „Дневник“. Томе Главчев, пак, го запознав кога решив да пишувам за случајот. Искрено, тешко ми е да поверувам дека тие, дури и преку посредник, ѝ понудиле пари на ИРЛ за да објави сторија за „Поштенска банка“.

Но, да оставиме за тоа да сведочи Маја Јовановска. Нејзиното обвинување не е наивно. Поткупот е сериозно кривично дело. Лажното пријавување исто така е кривично дело. Да сум јас јавен обвинител, бездруго би ја повикал Маја Јовановска да каже кој е тој што се обидел да ја поткупи. Ако се обидел…

Знае ли ЗНМ кого и што поддржува?

После сè, не можам да избегнам некако да одговорам и на прашањето што ми го поставуваат некои пријатели – зошто не ги тужиш Сашка Цветковска и ИРЛ, малку ли клевети и навреди напишаа и изрекоа за тебе?

Има дури и адвокати кои ми се нуделе про боно да водат таква граѓанска парница, убедени дека станува збор за толку експлицитни клевети и навреди што нема начин да изгубам на суд.

Да, но јас имам предвид и некои други нешта, што еден адвокат не може да ги разбере.

Имено, Сашка Цветковска и ИРЛ уживаат целосна, непринципиелна и крајно проблематична поддршка од Здружението на новинари на Македонија, на чело со Младен Чадиковски. Тие ја обезбедуваат со бесплатна правна помош, дури и во случаите кога е јасно дека судот не може поинаку да пресуди освен да утврди одговорност за клевета.

Да не бидам погрешно разбран. Не се плашам јас од нивните адвокати и од екипата што сега го води ЗНМ. Јас сум, што вели народот, тепано куче. Ова не е моја прва битка со клеветници и денунцијанти во мојата кариера.

Се плашам од себеси, од тоа како јас ќе реагирам кога во судница ќе го видам „хорот“ поддржувачи на хајките на Сашка Цветковска. Кога нишанам, јас секогаш нишанам високо. Кога пукам, секогаш пукам рафално. Кога ќе почне битката, веќе нема мислење на противникот. Јас сум како прочуениот боксер Аце Русевски, кога го прашале што мисли за некој тежок противник, а Аце одговорил: „Што има јас да мислам, он нека му ја мисли!“

Не знам до кога ќе бидам будалетинка што пати од финоќа…

Тешки битки така имам добиено, со пандевци-мандевци, со рекети-мекети, а не па со ојлевци-дојлевци… Ама, како стареам, некако губам волја, особено ако спроти мене има луѓе кои јадат новинарски леб. Добро, овие баш и не се на леб, на шкампи се, ама пак…

Сакам да кажам, една таква битка нема да се тера само во судница. Ќе се бие и во медиумите. Ако треба да се „степам“ и со ЗНМ, ќе почнам да поставувам незгодни прашања, можеби ќе повредам и луѓе кои не сакам да ги повредам. Верувајте, не сакам ни Сашка Цветковска да ја повредам. Не сакам ни еден денар од нејзините пари. Арам пари не сакам.

Тоа е… Ви реков дека немам добар одговор на прашањето зошто оваа кавга со овие некадарни луѓе, кои ме таргетираат без причина, не ја водам институционално. Што и не е баш принципиелно од моја страна, нели. Којзнае, можеби ќе се наложи потреба во иднина да постапувам и поинаку. Можеби некој конечно ќе ми ги истегне ушите и ќе ми рече – до кога ти, Героски, на толку моќ од „моќници“ и на толку пари од „олигарси“, мислиш да изигруваш будалетинка што пати од финоќа?

Поврзани содржини