Нови главоболки за камионџиите, им се спрема бариера на хрватско-српската граница
Хрватски граѓани од повеќе општини каде што има помали гранични премини меѓу двете земји бараат да се затворат граничните премини поради ширењето на коронавирусот.
Превозниците ќе се соочат со уште еден проблем ако хрватската влада одлучи да ги затвори помалите гранични премини кон Србија како што бараат жителите на градовите кои се во близина на овие премини. Од Макамтранс велат дека здруженијата на превозници од регионот ги повикале владите да се заложат пред хрватската влада тоа да не се случи бидејќи застоите на премините ќе предизвикаат дополнителни штети не само за транспортерите туку и за цели економии.
– Доколку се случи владата на Хрватска да одлучи во корист на барањето на граѓаните ќе треба да го прошири главниот граничен премин Брајково на автопатот Белград-Загреб со нови ленти за превозниците. Инаку тоа ќе значи намалување на прописната моќ на преминот и повеќечасовно и повеќедневно чекање на камионите на преминот кој е еден од главните за камиони од сите земји од регионот кои се движат кон Словенија и кон другите земји од Европа. Сликите од преминот ќе бидат можеби и полоши од оние кога се случуваше бегалската криза – вели генералната секретарка на Макамтранс, Билјана Муратовска.
Меѓу Србија и Хрватска има уште седум гранични премини кои сега можат да ги користат и превозниците.
Муратовска информира дека подготвуваат и официјално писмено барање до владата за проблемот.
– Нашите колеги од Србија веќе интервенираа до тамошната влада, а се очекува и асоцијациите на превозниците од другите земји да го сторат тоа деновиве. Очекуваме владата да интервенира соодветно бидејќи на транспортерите и на стопанството не му е потребен уште еден застој – додава таа.
Според неа, доколку се случи, ова ќе биде уште еден проблем по оној со закажувањето на ПЦР тестот и ограниченото време на работа на грчките гранични премини, кој дополнитлено ќе влијае врз падот на обртот кај превозниците и зголемувањето на загубите предизвикани од тоа и падот на цените на превозот.
– Обемот на работа лани се намали за 30 до 40 отсто, а паднаа и цените поради намалениот транспорт за време на пандемијата. Годинава се соочивме со намалување од 50 отсто на обемот на работа и повисоки трошоци поради заострувањето на мерките од страна на Грција која за секој поединечен возач бара најава за влез и тестирање за ковид-19. Преминот Богородица-Евзони работи од 6 до 18 часот, па уште повеќе се прават застои во транспортот на стоките за нашите коминтенти. Ако во нормални услови трнаспортот на нафтата одеше една тура на секои два дена сега е за подолго. Исто е и со транспортот за репроматеријали од солунското пристаниште. Сега и превозниците и компаниите чии стоки се превезуваат мораат да прават пресметки дека стоките ќе дојдат со одредено задоцнување – појаснува Муратовска.
Транспортерите се обидуваат на секој начин да го оптимализираат времето на превозот на стоката и користат алтернативни премини и рути кои некогаш се и поскапи од вообичаените.
– Поради барањето алтернативни патишта денеска имаме големи застои на преминот Ново Село каде што се пренасочија дел од камионите кои одат кон Турција. Засега нема ПЦР тест кон Бугарија и транзитот оди побрзо, но среда и четврток се денови кога има најголеми застои – додава таа.
Покрај за Грција ПЦР тест за камионџиите е потребен и на премините од Чешка кон Германија.
– Но различните делови на Германија имаат и различни одлуки за тестот. Баварија, на пример, има многу строги критериуми. Сето тоа го прави работењето на превозниците посложено и со поголеми трошоци бидејќи времето поминато на границите е повеќекратно зголемено – додава Муратовска.
Превозниците се надеваат дека со процесот на вакцинирање на населението и намалувањето на бројките на заболени од ковид-19 ќе почне да се нормализира состојбата и на граничните премини, но до тогаш, како што велат, трупаат загуби.