НОВИ 48 ЧАСА ПРИТВОР ЗА ОСОМНИЧЕНИТЕ ЗА ТРУБАРЕВО Четворица остануваат во „Шутка“, почнува увидот за пожарот

Притворот за четворицата осомничени за пожарот во Трубарево е продолжен за 48 часа, обвинителството ќе изврши увид на лице место.

241

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука со која се продолжува притворот за нови 48 часа за четворицата осомничени во врска со големиот пожар што избувна во Трубарево на 13 септември.

Од судот информираа дека на барање на Основното јавно обвинителство – Скопје, мерката е продолжена поради основано сомнение дека осомничените со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“, предвидено во член 230 од Кривичниот законик.






„Нивните конкретни дејствија се испитуваат, но станува збор за 56-годишен управител и сопственик на две правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство раководител на подружница и 59-годишник вработен во правно лице. Се испитува и потенцијалната одговорност на други лица,“ наведоа од судот.

Од таму додадоа дека увидот на лице место за причините за пожарот во Трубарево започнува денеска и ќе биде координиран од јавен обвинител. По негово наредување, екипи на СВР Скопје веќе работат на прибирање на докази и анализа на документација.

„Во континуитет се преземаат повеќе дејствија за обезбедување и анализа на документација“, стои во соопштението на ОЈО.

Пожарот избувна во саботата попладне околу 14 часот во складиште за рециклирање отпад во Трубарево. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вчера информираше дека пожарот е целосно изгаснат и дека опожарената површина е затрупана со песок и земја.

Поврзани содржини