НОВИ 1,2 МИЛИОНИ САДНИЦИ НА 34 ЛОКАЦИИ Ќе бидат засадени јасен, бел бор, јавор, багрем, даб, чемпрес…
Целокупниот расаден материјал го обезбедува ЈП „Национални шуми“ од нивните расадници во Свети Николе и во Куманово.
ЈП ,,Национални шуми” од денеска од Куманово започнува голема акција на пошумување, на 34 различни локации во државата, во 19 различни реони. Ќе се пошумува и на нови површини, а ќе се пошумуваат и опожарени површини од големите пожари од 2021 во Малешевијата.
Заедно со голем број општествено-одговорни компании и граѓански организации ќе бидат посадени 1.200.000 садници, од најразлични видови дрвја за кои дадоа согласност Шумарскиот факултет и стручните лица во „Национални шуми“.
Јасен, бел бор, јавор, багрем, даб, чемпрес, костен, ќе бидат посадени оваа зима и наредната пролет на повеќе од 400 хектари површина низ цела Македонија.
Целокупниот расаден материјал го обезбедува „Национални шуми“ од нивните расадници во Свети Николе и Куманово, кои се осовремени и произведуваат садници од контејнерски тип, кои се многу поотпорни на климатските промени од обичните садници.
Акцијата е поддржана од Министерството за земјоделие, од Министерството за животна средина, од компании, како и од граѓански организации.