Новата влада ветува помалку привилегии и трошење за функционерите, а повеќе работа

501

Трансформација на економијата за забрзан раст и повисок стандард,  вложување во јавното здравство, намалување на стапката на сиромаштијата под 16 проценти со посебен акцент на детската сиромаштија, воведување на комунална полиција под ингеренции на локалната власт која ќе има законски овластувања да обезбеди ред во општините и градот Скопје, се дел од приоритетите на Владата во програмата за 2020/2024 која вчера мандатарот Зоран Заев ја достави до Собранието.

Во предлог-програмата на новата Влада, чиј избор парламентот го закажа во сабота на 29 август, предвидено е намалување на привилегиите на јавните функционери со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.






Заев во Собранието го достави и предлог-составот на новиот владин кабинет кој ќе има 19 министри, наместо досегашните 26, кој пак следува по повлекувањето на пратениците кои ќе бидат идни министри и верификацијата на мандатите на новите пратеници кои дојдоа на нивните места во законодавниот дом.

Според Заев, на изборите на 15 јули граѓаните на фер, слободни и демократски избори го потврдиле правецот и го кажале својот став кој е преточен во програмата за четиригодишниот мандат.

Новата Влада ќе биде стабилна, ефикасна и одговорна влада која ќе ги гарантира стратешките определби односно членство во НАТО и ЕУ, добри меѓусосетски односи, справување со корона кризата, нова енергија и подинамичен економски раст, како и ефикасна правна држава, истакна Заев.

СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.

Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Поврзани содржини