📽 НОВАТА КУПОЛА НА УНИВЕРЗАЛНА САЛА НОЌЕ ЌЕ СВЕТИ Реконструкцијата треба да заврши во 2027 година, рече министерката за култура
На публиката и на граѓаните им должиме нова, современа и автентична сала. На дело покажуваме како се грижиме за развојот на културата и нејзината промоција, напиша Костадиновска-Стојчевска.
Владата работи на новата купола за Универзалната сала во Скопје која навечер ќе свети. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на Фејсбук напиша дека оваа замена на старата купола е прва фаза од реконструкцијата која ќе се бави со надворешноста на објектот.
„Ја крунисавме Универзална сала со поставување нова покривна купола. Во тек е реконструкцијата на препознатливиот елемент на мултимедијалниот објект, симболот на солидарно Скопје. Со замена на старата купола непречено се одвива првата фаза од реконструкцијата на Универзалната сала која ќе ја обликува надворешноста на зданието. Универзалната сала има долга и значајна културна меморија за градот и државата низ чие постоење се претставувала културата низ различни форми. На публиката и на граѓаните им должиме нова, современа и автентична сала. На дело покажуваме како се грижиме за развојот на културата и нејзината промоција“, напиша Костадиновска-Стојчевска.
Се очекува новата фасада на Универзалната сала да биде енергетски ефикасна, а дел од седиштата во внатрешноста да бидат заменети со фоаје – простор кој порано објектот го немаше.
Универзалната сала се реконстрира по две години натегање меѓу град Скопје и власта. Работите за реконструкција беа започнати уште во времето на претходниот градоначалник Петре Шилегов, а беа стопирани од актуелната градоначалничка Данела Арсовска.
„Во тек е јавната набавка за втората фаза, односно за последниот дел од проектот за реконструкција. Јавната набавка е во тек и за реконструкцијата и за избор на надзор, односно фирмата која ќе прави надзор врз објектот. Што значи дека и тие процедури кои се тековни односно што ги презедовме и предвидовме во програмата на МК се во тек. Веднаш по завршувањето на првата фаза, сакаме веднаш да се продолжи со втората фаза, токму затоа го направивме тоа во период кога се работи првата фаза, да ја завршиме јавната набавка со сите процедури како што треба втората фаза. За да немаме никаков прекин во работата. Средствата се обезбедени преку буџетот на министерството и од правен и од финансиски аспект нема да има никаков застој и рокот што предвидовме од три години ќе биде доволен за да можеме, да имаме универзална сала со целосно завршена реконструкција“ посочи Костадиновска Стојчевска.