Новата година ќе пристигне и без да ја пречекаме
Џабе изнајмени станови за 600 евра од вечер, џабе фрлени пари за такси-превоз од еден крај на градот до друг, џабе купени кубански пури и линии бела прашкаста материја. Џабе чекање ред за влез на журка, џабе скапи одела, џабе пиење жестоко на екс, џабе празнење црева во тоалет, џабе перење желудник на Токсикологија...
Ќе поставам едно најбезобразно и најдиректно прашање: има ли место за среќа и за оптимизам во пресрет на Новата година ако го земеме предвид сето тоа зло што ни се случуваше и сите тие маки што ги истргавме изминатите 12 месеци – да не речам изминатите 30 години?!
Дали можеби е малкуцка цинично од нас, вакви напатени и сиромашни, да славиме, да се радуваме и да наздравуваме со скапи вина, да мирисаме на скапи парфеми и да си делиме честитки за пристигнувањето на Новата година, небаре тоа е наш личен успех?!
Дали можеби е малкуцка илузорно да веруваме дека баш 2024 година ќе биде подобра и посреќна, свесно заборавајќи го фактот дека сè уште сме изложени на толку многу ризици и неизвесности?
Ќе бидам краток со одговорот и ќе кажам: не!
Не е цинично, ниту илузорно да бидеме среќни и оптимистични барем еден ден во годината. Напротив, тоа е неопходно и здраво за нашата духовна и физичка благосостојба. Среќата и оптимизмот не се засновани на негирање или за игнорирање на реалноста, туку на прифаќање и за преземање одговорност за таа реалност.
Да бидеме среќни и оптимисти не значи да бидеме слепи за проблемите и за тешкотиите, туку баш напротив, среќата и оптимизмот треба да ни помогнат да ги согледаме можностите и решенијата.
Да бидеме среќни и оптимисти не значи да бидеме пасивни и резигнирани, туку да бидеме активни и ангажирани.
Да бидеме среќни и оптимисти не значи да бидеме егоистични и изолирани, туку да бидеме солидарни и поврзани.
Затоа, без разлика каде и како ја прославувате последната ноќ од годинава – дали тоа го правите јадејќи суши на некое скапо сепаре или сркате руска салата во домашна атмосфера со најблиските – ова нека ви одѕвонува без престан во ушите: „заборавете каде живеете, опуштете се и поминете си најубаво на свет. Среќна Нова година!“
…
А сега, откако се потрудив да ви покажам како би требало да изгледа еден нарачан предновогодишен мотивациски коментар напишан од некојси таму средовечен чичко, кој, како што си го замислувам, цел живот се шлепа на грантови и трчка како кученце околу странски амбасадори, упорно трудејќи се да ги исполни нивните желби и да ни претстави една поинаква розева реалност, време е да ја чуете вистината:
Нит било, нит ќе биде подобро.
Џабе возбуда, џабе светки и шљокици, џабе скапи фустани и штикли, џабе фрлени пари за дневни и ноќни прослави, џабе глумење елита…
Џабе изнајмени станови за 600 евра од вечер, џабе фрлени пари за такси-превоз од еден крај на градот до друг, џабе купени кубански пури и линии бела прашкаста материја…
Џабе чекање ред за влез на журка, џабе скапи одела, џабе пиење жестоко на екс, џабе празнење црева во тоалет, џабе перење желудник на Токсикологија…
Џабе предизвикување тепачка со момците од карши, џабе преноќување во полициска станица, џабе…
Новата година ќе си дојде и ич не нè прашува. А веќе следниот ден, следното утро кога ќе се разбудите, веќе ќе биде доцна за сè!
А тогаш, како и во следните 364 дена, луѓето бидуваат обично најразочарани.