НОВАТА ДЕТСКА ГРАДИНКА ВО АЕРОДРОМ БИЛА РИЗИК ЗА НАЦИОНАЛНАТА БЕЗБЕДНОСТ?! Еве како ДУИ и министрите од власта ги кочат развојните проекти во општина Аеродром
Проектите се изработени и детските градинки и училишта може уште утре да почнат да се градат, но централната власт срамно ги блокира, тврди градоначалникот Тимчо Муцунски.
Политичката партија ДУИ и министрите кои се дел од власта го кочат процесот на разгледување и одобрување на „Зелената обврзница“, која Општина Аеродром треба да ја издаде, за да може да финансираат капитални проекти како што се новите детски градинки, новите училишта и реконструкцијата на плоштадот во Аеродром.
Ова, во утринското гостување на Сител ТВ, го истакна градоначалникот Муцунски. Тој објасни дека Општина Аеродром потрошила скоро една година за изработка на проекти за новите училишта и детски градинки и за подготовка на документацијата на „Зелената обврзница“, која повеќе од четири месеци, од политички причини, чека да дојде на ред за да биде разгледана и одобрена на седница на владата.
– Проектите се изработени и детските градинки и училишта може уште утре да почнат да се градат и тоа го направивме со сопствени средства, исто како што враќањето на средствата за зелената обврзница, инструмент што се користи насекаде низ светот, ќе биде направено со средства на Општина Аеродром, информираше Муцунски и додаде дека според информациите со кои тој располага, поради притисок од министрите на ДУИ, премиерот Ковачевски добил насока да се блокираат сите проекти во Општина Аеродром.
Изградбата на детска градинка на земјиште кое според Деталниот урбанистички план е превидена изградба на објекти од таков тип, преставувало ризик на националната безбедност на државата?! Тоа е образложението со кое општината добила негативно мислење од Агенцијата за разузнавање, институција која е во надлежност на претседателот Стево Пендаровски, за изградба на нова детска градинка во Аеродром.
– Како е можно четиригодишните дечиња со фудбалската топка и нивните родители можат да бидат безбедносен ризик за државата, а високите кули како „Џеваир” и другите околни згради, да не се безбедносен ризик за државата? – праша Муцунски и нагласил дека за истата локација и за истиот објект, претходно Министерството за одбрана веќе дало позитивно мислење.
Градоначалникот Муцунски потенцираше дека овие проекти со сигурност ќе бидат започнати и завршени по доаѓањето на ВМРО ДПМНЕ на власт, но тоа ќе биде со една година задоцнување и истакна дека во меѓувреме вината за недостатокот на места во детските градинки треба да се бараат во владата и политичките партии кои се дел од истата.
И покрај сите пречки со кој се соочува општината, активно се работи на решавање на проблемите со сместувањето на дечињата во Аеродром, а за тоа говори и градинката која се отвори минатата со капацитет од 200 дечиња и реконструкцијата на неколку градинки во текот на оваа година.
– Ние работиме за тие што гласале за нас, за тие што гласале за противникот и за тие што воопшто не гласале и сето тоа што ние сме го ветиле ќе го реализираме. Но, срамно е поради политички теми да се прави блокада на жителите, бидејќи избрале градоначалник од политичката партија која не е на власт – истакна Муцунски.