📷 📽️ „НОВАК, ЕНДИ, РОЖЕ… ОВА НЕ БИ БИЛО ИСТО БЕЗ ВАС“ Емотивен говор на Надал на Роланд Гарос

Надал со солзи во очите се заблагодари на сите што биле покрај него низ двете децении на успеси во Париз — од семејството, пријателите и тренерите, до неговиот професионален тим и навивачите.

1,019

Рафаел Надал, еден од најголемите тенисери на сите времиња, доби величествена почест на првиот ден од овогодинешниот Ролан Гарос, на теренот каде испиша историја и освои рекордни 14 титули. На крајот од дневната програма, во негова чест беше организирана специјална церемонија на легендарниот терен „Филип Шатрие“, каде што присутните гледачи имаа можност да сведочат на емотивен момент за спортот.

На свеченоста, Рафа одржа емотивен говор, опкружен со своите најголеми ривали и пријатели – Роџер Федерер, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј. Организаторите приредија уште едно изненадување: на крајот од теренот беше поставена специјална плоча со неговото име, отпечаток од ѓонот на неговата патика и реплика од „Купот на мускетарите“, со бројката 14 – во чест на неговите титули на францускиот Грен слем.






– Доживеав многу емоции на оваа сцена. Голема благодарност до сите во организацијата што ми дадоа можност да се збогувам вака, на она што е сигурно најважното поле во мојата кариера – рече Надал, осврнувајќи се на своите почетоци и искуства во Париз.

 

Тој се потсети дека првпат дошол на Ролан Гарос во 2004 година како повреден тинејџер со патерици, но веќе наредната година, на 18-годишна возраст, ја освоил својата прва титула. Посебно место во неговиот говор имаа ривалствата со Федерер, Ѓоковиќ и Мареј, кои, како што рече, „го терале да расте и да биде подобар секој ден“.

Во вториот дел од говорот, Надал со солзи во очите се заблагодари на сите што биле покрај него низ двете децении на успеси во Париз — од семејството, пријателите и тренерите, до неговиот професионален тим и навивачите.

– Нема зборови да ви се заблагодарам на сите за сè што направивте за мене… На моите баби од 94 и 92 години – и мене ми недостигате, каде и да сте – заврши Надал.

 

 

 

Поврзани содржини