НОВА ЗАКАНА ОД ТРАМП КОН КАНАДА Мостот „Горди Хау“ под прашање поради трговски спорови
Трамп се закани дека ќе го блокира отворањето на новиот мост меѓу САД и Канада поради трговски спорови.
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го блокира отворањето на новиот мост што ги поврзува САД и Канада, наведувајќи дека канадската влада не покажува доволно „праведност и почит“ кон Соединетите Држави во услови на зголемени трговски тензии.
– Нема да дозволам овој мост да се отвори додека САД не бидат целосно обесштетени за сè што им дадовме, и што е уште поважно, додека Канада не се однесува кон Соединетите Држави со праведност и почит што ги заслужуваме – напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Тој побара меѓународниот мост „Горди Хау“, кој се гради над реката Детроит, да биде најмалку 50 отсто во сопственост на САД, додавајќи дека преговорите ќе започнат веднаш, пренесе агенцијата ДПА.
Мостот ќе ги поврзува канадскиот град Виндзор, во провинцијата Онтарио, со Детроит, во американската сојузна држава Мичиген. Предвиден е за сообраќај со шест ленти, како и за пешаци и велосипедисти.
Изградбата е целосно финансирана од Канада, а трошоците треба да се надоместат преку патарини. Според најавите, мостот треба да биде отворен подоцна оваа година, а официјалните лица претходно изјавија дека тој значително ќе ја поттикне трговијата меѓу двете соседни земји.
Трамп ја критикуваше Канада и поради тоа што во изградбата не користела американски челик, како и поради нејзиниот неодамна најавен ограничен ангажман со Кина во трговијата. Овие потези, според него, веќе го поттикнале да се закани со царини од дури 100 отсто за канадскиот увоз, вклучително и за канадските авиони.
Американскиот претседател често користи закани со царини како средство за наметнување на своите политики, иако во некои случаи тие не се реализираат. Неговите најнови изјави доаѓаат откако канадскиот премиер Марк Карни привлече внимание на Светскиот економски форум во Давос со говор кој беше протолкуван како индиректна критика на пристапот на Трамп „Америка на прво место“.
Трамп во повеќе наврати ја има изразено и својата желба Канада да стане 51-та американска сојузна држава.