НОВА СЛОВЕНЕЧКА ИНВЕСТИЦИЈА ОД 4 МИЛИОНИ ЕВРА Осигурување „Прва живот“ ќе почне да работи по 6 месеци

Основач и единствен сопственик на новоформираното друштво за осигурување живот е словенечкиот осигурителен холдинг ПРВА ГРУП (SKUPINA PRVA, zavararovalniski holding, d.d).

207

По пауза од шест години на македонскиот пазар на осигурување живот се формира нова осигурителна компанија во која словенечки сопственици ќе вложат 4 милиони евра. Како што  соопштија од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), веќе е издадена дозвола за работа на нова осигурителна компанија „Прва живот“.

Основач и единствен сопственик на новоформираното друштво за осигурување живот е словенечкиот осигурителен холдинг ПРВА ГРУП (SKUPINA PRVA, zavararovalniski holding, d.d).






Според дозволата издадена од АСО „Прва живот“ ќе врши работи на осигурување во рамки на групата на осигурување на живот во класата 19  – осигурување на живот.

– „Прва живот“ ќе започне со работа во рок од 6 месеци од денот на издавање на дозволата за работа, а седиштето на компанијата ќе биде во Скопје.

За извршен член на одборот на директори е именуван Предраг Милошевски.

„АСО го задолжи друштвото да назначи овластен актуар во рок од 2 месеца од уписот на друштвото во трговскиот регистар“, се наведува во соопштението.

„Прва живот“ ќе биде шеста компанија на македонскиот пазар за осигурување живот на кој сега работат „Кроација осигурување – живот“, „Триглав живот“, „Граве“, „Винер Лајф ВИГ“ и „Уника Лајф“.

Словенечката групација е реномиран холдинг кој две децении управува со пензиски фондови во Словенија, Србија, Македонија и на Косово. Групацијата има осигурителна компанија во Словенија, а се очекува нивниот влез на нашиот осигурителен пазар да ја подобри конкурентноста во секторот и да придонесе во збогатување на понудата на производи за осигурување живот, појаснуваат од АСО.

Во првите шест месеци граѓаните во петте компании за осигурување живот вложиле над 14 милиони евра во осигурување живот.

Официјалните податоци на компанииите за осигурување живот покажуваат дека најголем раст на продажбата има животното осигурување кое нема штедна компонента.

„Осигурувањето живот во кое ризикот од вложување на средствата го превзема осигуреникот е најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар. Овој продукт е популарно познат како „јунит линкд“ осигурување. Кај ова осигурување значаен дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови, избрани од осигурениците, чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал“, соопшти АСО.

Поврзани содржини