Меѓународното училиште „Нова“ стана кандидат за престижната Middle Years Program (Програма за основци на возраст од 10 до 14 години), која е раководена од реномираната International Baccalaureate Organization (IBO). Целиот концепт на програмата е да ги подготви децата да бидат љубопитни и да се надградуваат во текот на целиот живот, а поделена е во осум групи: јазик и литература, втор странски јазик, математика, природни науки, физичко и здравствено образование, општествени науки, визуелни и изведувачки уметности и дизајн. Секоја група на предмети има посебни правила за начинот на предавање и учење како и специфични критериуми за часовите и за оценувањето.
– Една од најинтересните групи е дизајнот во чии рамки учениците треба да го применат знаењето што го стекнале од другите предмети за да решат комплексни проблеми користејќи посебен начин на размислување. Тука треба да ги употребат вештините на доживотното учење што ќе биде интересно и предизвикувачко искуство. Од нив ќе се бара да решат сложени, повеќестепени проблеми со користење на различни алатки како што се роботи, 3Д принтери па сè до рачни алати. Ќе мора да размислуваат критички и креативно како поединци и како тимови – објаснува Аманда Левит, која е координатор за MYP програмата во „Нова“.
Аманда Левит, координатор за MYP програмата во „Нова“
Таа од 2001 година предава на основци во повисоките одделенија, а воедно има факултетска диплома за професор од предучилишна возраст до 8 одделение, магистерски студии за курикулум и за предавање, како и валидна лиценца за наставник од државата Мејн во САД. Поради тоа, Аманда го „води“ училиштето „Нова“ низ комплицираниот процес да се исполнат сите услови на MYP програмата.
– „Нова“од 2006 година е лиценцирано училиште од IBO за Diploma Program (DP) која се применува во средното училиште. Од тоа искуство беше јасно дека целата заедница во „Нова“ ќе има огромни придобивки од имплементирање на MYP програмата. Еден од најголемите бенефити ќе биде тоа што нашите наставници ќе бидат поврзани со колеги од над 5.000 други училишта и ќе бидат активни членови со што ќе можат да даваат и да добијат совети за различни прашања. Друга придобивка е што во „Нова“ ќе се користат прецизно утврдени критериуми за оценување кои се исти во сите образовни институции кои се дел од MYP програмата. Како училиште-кандидат и како лиценцирано училиште, работата на наставниците ќе се оценува и од надворешна страна преку достава на примероци со цел да се утврди дали оценуваат на соодветно меѓународно ниво. Огромен бенефит за нашата заедница е дека MYP програмата во суштина е и подготовка за средношколската DP програма. Учениците кои работеле според MYP, поверојатно е дека ќе добијат конечната IB диплома на крајот на средното училиште, клучен фактор за прием на квалитетни високообразовни институции – вели Аманда.
Таа посочува дека процесот за лиценцирање за MYP програмата е ригорозен и мора да се исполнат четири главни критериуми кои се однесуваат на наставната програма. Тоа се: филозофија, организација, ресурси и поддршка и курикулум.
– „Нова“ мора да обезбеди докази дека ги исполнуваме стандардите во секоја категорија и подкатегорија. Тука се вклучени и задачи од типот дека нашите правила се во линија со тие на IBO, дека организациската структура е јасна и транспарентна, дека училниците се адекватно обезбедени со ресурси, и дека нашиот курикулум е на највисоко ниво. Целиот раководен тим на „Нова“ веќе го заврши курсот на IBO за професионален развој. Дополнително, сите наши учители ќе треба да поминат низ голем број вежби за професионален развој додека се приближуваме до правилата на MYP програмата. Тука се вклучени: онлајн тренинзи, работилници кои се одвиваат во живо како и различни курсеви – објаснува Аманда.
Во меѓувреме, „Нова“ работи и со консултант кој ги води низ процесот на исполнување на критериумите.
– Кон крајот на овој процес на авторизација, консултантот ќе го посети и оцени училиштето. Врз основа на тој извештај ќе биде одлучено дали „Нова“ ќе продолжи понатаму. Училиштето ќе помине и низ процес наречен „building quality survey“. Надворешни евалуатори ќе ги оценуваат плановите за настава на секој наставник и ќе ги бодуваат според одредено скалило. Воедно, ќе се утврдува дали се приближуваме кон критериумите на фер и објективен начин. Дополнително, тим на експерти на IBO ќе го посетат училиштето и ќе интервјуира наставници, претставници од администрацијата, раководството, родителите и учениците во однос на имплементација на MYP програмата. Тие ќе подготват извештај со кој ќе може или да добиеме авторизацијата, да го продолжиме кандидатскиот статус, или да се стопира целиот процес. Оваа постапка ќе се повторува на секои пет години по добивање на авторизацијата – истакнува Аманда и додава дека „Нова“ е училиште кое постојано работи на подобрување и обезбедување на подобро образовно искуство за своите ученици.