НОВА ПОМОШ ЗА ПОВРЕДЕНИТЕ ВО КОЧАНИ Испорачана специјализирана облека вредна над 450.000 денари

Граѓанската иницијатива „Support Kocani“ ја испорача четвртата пратка специјализирана компресивна облека за 14 пациенти погодени од пожарот, вредна над 450 илјади денари, собрани исклучиво преку донации.

29

Четвртата пратка специјализирана компресивна облека за повредените од пожарот во Кочани пристигна во Општата болница, соопштија од граѓанската иницијатива „Support Kocani“, која веќе неколку месеци обезбедува континуирана помош за пациентите.

Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, во вредност од 452.537 денари. Целата сума е собрана преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство.






Од иницијативата велат дека оваа помош е од суштинско значење за рехабилитацијата на повредените.

„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите. Благодарение на донаторите, пациентите навреме ја добиваат неопходната медицинска опрема“, истакнуваат од „Support Kocani“.

Во соопштението посочуваат и дека соработката со компаниите „Julius Zorn GmbH“ и „Health“ 2000 е од огромно значење за квалитетната изработка и навремената испорака на облеката.

„Им благодариме на нашите партнери за професионалната услуга. Посветени сме на транспарентност и грижа за сите повредени од трагедијата“, додаваат од иницијативата.

„Support Kocani“ најавува дека ќе продолжи со обезбедување нови пратки и финансиска помош, со цел сите засегнати да добијат долгорочна терапија и поддршка во процесот на заздравување.

Поврзани содржини