НОВА НАДЕЖ ЗА АВТО-ИНДУСТРИЈАТА Индија планира да ги намали царините од 110 на 40% за европските автомобили
Владата на премиерот Нарендра Моди се согласила на итно намалување на данокот за ограничен број автомобили од ЕУ со увозна цена поголема од 15.000 евра.
Индија планира да ги намали царинските давачки за автомобили увезени од Европската Унија од сегашните 110 на 40%, што претставува значително отворање на нејзиниот огромен пазар. Овој потег е дел од договорот за слободна трговија меѓу двете страни, кој би можел да биде објавен уште утре.
Владата на премиерот Нарендра Моди се согласила на итно намалување на данокот за ограничен број автомобили од ЕУ со увозна цена поголема од 15.000 евра.
Според извори од двете преговарачки стари, подоцна оваа царина треба дополнително да се намали на 10%, што би го олеснило пристапот до индискиот пазар за европските производители како што се Фолксваген, Мерцедес-Бенц и БМВ.
Њу Делхи предложи итно намалување на увозните давачки на 40% за приближно 200.000 автомобили со мотори со внатрешно согорување годишно. Сепак, изворите забележуваат дека оваа квота е предмет на промени во последен момент.
Се очекува Индија и ЕУ да го објават крајот на долготрајните преговори за договор за слободна трговија во вторник. После тоа, двете страни ќе ги финализираат деталите и ќе го ратификуваат документот што веќе се нарекува „мајка на сите договори“.
Спогодбата би можела значително да ја прошири билатералната трговија и да го зголеми извозот на стоки од Индија, како што се текстил и накит.
Индија е трет по големина пазар на автомобили во светот, веднаш зад САД и Кина, но нејзината домашна автомобилска индустрија е една од најзаштитените во светот.
Сегашните царини од 70 и 110% за увезените автомобили честопати беа предмет на критики, вклучително и од извршниот директор на Тесла, Елон Маск.
Електричните возила ќе бидат ослободени од намалувањето на увозните давачки во првите пет години за да се заштитат инвестициите на домашните производители како што се „Махиндра и Махиндра“ и „Тата Моторс“ во овој растечки сектор.
По 5 години, слични намалувања на царините ќе важат и за електричните возила.
Пониските увозни давачки ќе бидат поттик за европските производители на автомобили како што се „Фолксваген“, „Рено“ и „Стелантис“, како и за луксузните брендови како што се „Мерцедес-Бенц“ и „БМВ“, кои веќе имаат локално производство во Индија, но се борат да растат поради високите царини.
Европските производители држат помалку од 4% од индискиот пазар од 4,4 милиони продадени единици годишно.