НОВА НАЈАВА ГИ ВОЗНЕМИРИ ГРАЃАНИТЕ Кој ќе изгори од новото скалесто плаќање на струјата?
Скалестиот систем ќе биде готов до почетокот на февруари, а ќе се применува од средината на годинава.
Регулаторната комисија за енергетика подготвува нов систем на плаќање на потрошена електрична енергија според кој оние кои трошат повеќе ќе плаќаат и повисока цена на енергенсот. Новиот систем на скалесто плаќање на електричната енергија ќе биде готов на почетокот на февруари, а ќе се применува од средината на годинава. Првиот човек на регулаторната комисија Марко Бислимовски вели дека на овој начин ќе се обезбеди солидарност така што тој што троши многу ќе плаќа и повисока цена. Што ќе значи тоа во практика засега нема детали, но оваа најава ги вознемири граѓаните, посебно тие кои се греат на електрична енергија. Експертите гледаат логика во најавата, но ја отвораат дилемата за тоа врз основа на кои критериуми ќе се утврди кој треба да плаќа повисока цена за струјата, а кој пониска.
Бислимовски новиот систем го најави на прес-конференцијата на крајот на декември кога го соопшти новото зголемување на цената на струјата за првата половина од годинава.
– На крајот на јануари или на почетокот на февруари РКЕ ќе излезе со нов систем на тарифирање со кој се воведуваат таканаречени Лот тарифи со кои ќе обезбеди за одредена потрошувачка на електрична енергија да се плаќа пониска цена, а како се зголемува потрошувачката, како што тоа е и во други земји, да има нешто повисока цена – појасни Бислимовски.
Од регулаторната комисија засега не откриваат како ќе изгледа новиот систем и дали тој ќе ги погоди домаќинствата кои се топлат на струја, но велат системот ќе обезбеди праведност и солидарност.
– Земени се предвид сите параметри и анализи според кои ќе се направи новиот систем на тарифирање. Интензивно и стручно се работи на системот и набрзо ќе се знаат деталите – велат од Регулаторната комисија.
Плусинфо ја праша и Владата дали размислува за воведување на најавениот систем и што тоа ќе значи за граѓаните и оние кои се греат на струја, но не доби одговор.
Експертите, иако немаат детали за тоа како ќе изгледа скалестиот систем на утврдување и плаќање на струјата за граѓаните, велат дека во најавата има определена логика во однос на солидарноста или откривањето на оние кои плаќаат струја како домаќинствата, а ја користат за производство како индустријата.
– Рано е да се каже што ќе значи ова во практика и кој ќе мора да плаќа повисока цена. Има логика во тоа да се направи некаква максимална граница на трошење на електрична енергија, но треба да се видат кои ќе бидат критериумите според кои ќе се определува кој ќе плаќа повисока цена на струјата кој пониска. Дали тоа ќе биде врз основа на богатството, врз основа на потрошувачката на струја или репер ќе биде Скопје, внатрешноста на државата или регионот. Мерилото според богатството и според потрошувачката на електрична енергија на голем и мал потрошувач не е вистински метод, бидејќи не е згодно да се определи кој е богат, а кој сиромашен во сиромашна земја. Дури е непримерно, ако овој систем влијае оние што го напуштија дрвото како енергенс за греење и се префрлија на струја да влезат во системот на тие што ќе плаќаат повисока цена – вели професорот Константин Димитров.
Сепак, според него, треба да се направи систем со кој ќе се откријат сите кои трошат струја како индустриски капацитет, а плаќаат како домаќинство.
– На тој начин сите кои копаат криптовалути или кои имаат производство, а плаќаат струја како за домаќинства ќе можат да се откријат и потоа да се обврзат да плаќаат според потрошувачката – вели Димитров.
Тој вели дека е логично и тоа што се сака да се направи тој што може да поднесе повисок трошок, но вели, тоа би требало да биде задача на владата која не размислуваше за тоа кога го стави товарот на трошоците за енергијата од обновливите извори на грбот на граѓаните.
Граѓаните, пак, се вознемирени од најавата, како што велат од новиот данок на сметките за струја.
– Не очекувам нешто добро да се направи за граѓаните. Годинава ќе имаме подебели сметки за струја, а ако на тоа се додаде и ова што се најавува кој повеќе троши ќе плаќа поскапа струја, односно данок за висока сметка, тешко нас. Ни нема друго, ако сакаме да преживееме ние што се грееме на струја и сме надвор од Скопје каде што има парно ќе мора да размислуваме повторно да се вратиме на дрво. За годинава е малку доцна, ама наредната ќе треба добро да размислиме со што ќе се топлиме. Не можам да разберам зошто изминативе години ни тврдеа дека треба да се откажеме од дрвото за греење, а сега ни определуваат нов систем на плаќање за потрошена струја – вели жител на Тетово.
И за скопјани е сè понеизвесно дали ќе плаќаат високи сметки за струја со последните случувања околу парното. Дел од нив кои во овој период имаат проблеми со парното постепено се преориентираат на греење на струја. Новите правила кои ги најави регулаторна ќе треба да ги премислат во намерата да го заменат парното со струја.
– Угоре високо, удолу длабоко вели изреката, ама е соодветна за нашава прилика. Парно нема, струја скапа и се најавува дека ќе биде уште поскапа, ако ја користиме и за греење. Навистина е криза и цената на струјата е висока, ама не треба за сметка на тоа дека ни определиле пониско покачување на цената на струјата да измислуваат нов начин како да ни ги земат парите што ги изгубиле од пониското зголемување на цената на струјата. Но, што е тука е. Во сиромашна држава, даноците се највисоки нели – вели скопјанец.
Неизвесноста од оваа најава на првиот регулатор, се чини, ќе трае до почетокот на февруари кога конечно ќе може да се види и да се анализира новиот систем на кој работи Регулаторната комисија за енергетика.