НОВА ИСПЛАТА ЗА ЖРТВИТЕ ОД ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ Црвениот крст подели над 11 милиони денари
На 18 повредени лица им се исплатени 11,2 милиони денари, а вкупната досегашна поддршка од Фондот на солидарност надмина 164 милиони денари.
Црвен крст на Република Северна Македонија изврши нова исплата на средства за настраданите од пожарот во Кочани, при што на 18 лица им се распределени вкупно 11,2 милиони денари.
Како што информираат од организацијата, исплатата била реализирана на 27 февруари врз основа на список на повредени лица подготвен по втората евалуација на нивната здравствена состојба и прогнозата за понатамошно лекување, изработена од комисија на Министерството за здравство.
„Исплатата на средствата е извршена врз основа на доставен список на повредени лица подготвен по втората евалуација на здравствената состојба“, соопштија од Црвениот крст.
Од таму додаваат дека со оваа исплата вкупниот досегашен трансфер на средства од Фондот на солидарност достигнал 164.744.901 денар.
Во насока на поголема отчетност, Црвениот крст веќе подготвил извештај за приливите и одливите на средствата од Фондот на солидарност за периодот од 16 март до 22 август 2025 година.
„Со цел поголема транспарентност и отчетност подготвивме извештај за фактичките наоди за состојбата со приливите и одливите на сметката на Фондот на солидарност“, наведуваат од организацијата.
Оттаму најавуваат дека е во тек подготовка и на финален извештај за собраните и исплатени средства, кој треба да биде објавен најдоцна до 15 март.
Црвениот крст упати благодарност до сите донатори кои помогнаа во мобилизирањето на хуманитарната поддршка.
„Уште еднаш им се заблагодаруваме на сите донатори што придонесоа за поддршка на настраданите лица и нивните семејства“, порачаа од Црвениот крст.
Во меѓувреме, организацијата продолжува со активности на терен, со посебен акцент на обезбедување психолошка помош за погоденото население преку Регионалниот центар за ментално здравје и психосоцијална поддршка.