НОВА ИНВЕСТИЦИЈА ОД 25 МИЛИОНИ ЕВРА ДО КРАЈОТ НА ОВОЈ МЕСЕЦ Ќе има 200 отворени работни места
Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека во завршна фаза се преговори со петнаесетина потенцијални инвеститори, со што очекува да биде надмината бројката која ја соопшти во ноември од една милијарда односно од 1,040 милијарда евра.
Нова инвестиција во земјава до крајот на овој месец најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот кажа дека во завршна фаза се преговори со петнаесетина потенцијални инвеститори, со што очекува да биде надмината бројката која ја соопшти во ноември од една милијарда односно од 1,040 милијарда евра.
– Во завршна фаза сме на околу 15-тина инвестиции, дел од нив се веќе завршени, со дел од нив преговараме. Со дел од нив сме во потесна конкуренција со некои други земји, односно во најтесна конкуренција се одлучува помеѓу нас и помеѓу уште некоја земја. Јас очекувам дека овие инвестиции ќе бидат успешни со огромен процент на реализација. Очекувам овој месец да се стави камен темелник на една таква инвестиција со нови 200 работни места и во вредност од околу 25 милиони евра. Друга да се пушти во април месец и потоа некаде помеѓу март и јуни барем нови 5 инвестиции, или да се фрли камен темелник или да се донесе одлука за инвестиција во земјава – рече Мицкоски кој беше на настан во општината Аеродром.
Неговите очекувања, како што кажа, се дека овој тренд којшто заклучно со ноември беше околу 1 милијарда и 40 милиони евра да биде поголем на крајот на годината.
– Народната банка кон крајот на овој месец ќе ги објави тие податоци со што со засилувањето од мај месец наваму и со зголемувањето на интензитетот на инвестирањето ќе бидеме држава со најголем број странски инвестиции по глава на жител во регионот, што е добро бидејќи сето она кое тие го произведуваат ќе влезе во пресметката за БДП – рече премиерот Мицкоски.