НОВА ГРАДИНКА ВО МАЏАРИ Проектот ќе обезбеди современи услови за најмладите и е финансиран со 147 милиони денари

Нова градинка за 150 деца почна да се гради во Маџари – Триангла, проект вреден 147 милиони денари.

159

Нова детска градинка со капацитет од 150 деца почна да се гради во скопската населба Маџари – Триангла, во општина Гази Баба. Објектот, кој ќе се простира на 1.360 квадратни метри и ќе има 10 занимални, две јасли и осум простории за постари групи, ќе се гради на приземје и еден кат. Проектот тежи 147 милиони денари, средства обезбедени преку вториот повик на Владата.

Премиерот Христијан Мицкоски на денешното означување на почетокот на градбата рече дека ваквите инвестиции се дел од продолжената реализација на владините проекти.






– Она што е ветено, мора да се реализира. Се радувам што ќе има уште повеќе дечиња кои ќе ги користат овие модерни објекти – изјави Мицкоски.

Задоволство од почетокот на градбата изрази и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Тој оцени дека новата градинка е значаен чекор напред во поддршката на младите семејства.

– Граѓаните ми ја дадоа довербата пред помалку од еден месец, а ние ја исполнуваме. Продолжуваме со проекти што го унапредуваат животот на сите жители. Рокот за изградба е 18 месеци и верувам дека ќе понудиме современи и безбедни услови за нашите деца – нагласи Стефковски.

Тој додаде дека ова е трета нова градинка во општината, а во Сингелиќ веќе е во тек постапка за избор на економски оператор за изградба на четвртата.

– Во следниот период ќе следуваат уште многу проекти што ќе ја подобрат инфраструктурата, образованието и јавните услуги. Работиме за иднината на Гази Баба, за нашите деца и за нашата заедница – рече Стефковски.

Поврзани содржини